17 јануари, 2014

Погледнете го „Money On My Mind“ од Сем Смит

21-годишниот млад и надежен британски музичар Сем Смит продолжува да реди успеси. Откако го привлече вниманието на јавноста и доби пофалби за песните „Latch“ и „Together“ кои се најдоа на деби албумот „Settle“ кој во јуни минатата година го претстави електро дуото Дисклоужр, Смит продолжи со соработките меѓу кои се најде и преработката на песната „Do I Wanna Know?“ од Арктик Манкис. Потоа го претстави неговиот сингл „Not In That Way“, а на почетокот на декември ја објави и темата „Money On My Mind“, која сега доби и свое видео издание.

За сработеното од минатата година неодамна стигна и официјалното признание, кога Сем Смит е избран за победник на изборот BBC Sound Of 2014, што претставува годишен натпревар во кој музичките критичари, диџеи и важни личности во музичката индустрија на крајот на декември објавуваат список од 15 изведувачи од кои најмногу се очекува во следната година, а потоа гласаат за најдобриот од нив.

Покрај соработките со Ноти Бој, Дисклоужр, Најл Роџерс и Џими Нејпс, Сем го има објавено неговото ЕП издание „Nirvana“, а својот деби албум насловен „In The Lonely Hour“ е закажан за 26-ти мај.



Врати се горе ↑