13 март, 2013

Погледнете го „Јас и ти“ од Зад Аголот

Промената може да биде баш ЗАД АГОЛОТ.  „Јас и ти“, новото видео на Зад Аголот ги поместува границите за тоа како (треба да) изгледа домашниот хип хоп, а тоа е особено видливо токму на новиот видео запис кој деновиве беше премиерно претставен пред македонската публика.

Ова музичко остварување, како и видеото е прв проект од ваков карактер за момците од Зад Аголот и служат за да се подигне свеста на луѓето што нѐ опкружуваат.  Инспирирани од „Еко Песна“ на Дуо Трио со примеси на блуз благодарение на Игимен и Нина Јанева, може да се каже дека ова на некој начин е преработена песна која носи многу голема порака. Видеото е дело на докажаниот Бранко Блажевски (Покрај Бренсис Видео Обработка), кој со сигурност веќе го зацврстува своето реноме преку неговите проекти, а ова е само мал дел од вештината која ја поседува. Инструменталниот дел го одработи скопскиот блузер Игор Станоевски (Игимен), продуциран од страна на Марко Ѓурѓиќ.

Може да се направи песна и да се сними спот, но што ќе носи песната и како ќе се изразиш преку видеото е сосема друга приказна. Ние како екипа функционираме на пријателска основа и резултатот од нашата работа колку и да не е материјално поткрепен е солиден зашто на крајот на краиштата тука сме да се претставиме ние и нашите гледишта. Оваа песна е резултат на тимска работа “Јас и ти” не беше направена само колку да се направи и да се промовира.” – велат од Зад Аголот.

Минатата година ЗАД АГОЛОТ го промовираа нивниот прв албум Чувај го вистинко волу.1.“ кој од слушателите на „Балкан хип хоп“ беше прогласен за најдобар македонски хип хоп албум за 2012. И за прв пат Скопје е топло, Зад Аголот стана екипа – 14 момци кои работат како еден артист. Искрено и од љубов, затоа што само така знаат. Овојпат на задоволство на својата публика го најавуваат и нивниот самостоен концерт па “Кој љуби вистинко” го очекуваме на 12-ти април во МКЦ.

Зад Аголот Екипа е името на свежиот скопски хип-хоп состав кој на домашната сцена официјално се појави во 2011 година, благодарејќи на скопскиот Пиволенд и МОФ кои пружија шанса на неколку бендови од околината на градот да го презентираат својот звук пред пошироката јавност. Длабока Трага, Свп, Римиски Масив, Контра Напад, Паки, Дј Илич , Исо и Горан Симјаноски се имињата на продуцентите, бендовите и диџеите кои стојат зад името – Зад Аголот. Иако како засебни имиња постојат на сцената некое време, некои подолго, некои пократко, меѓусебната поврзаност на приватен план, како и неколкуте заеднички неофицијални проекти и соработки дадоа поттик да се оформи овој тим.



Врати се горе ↑