12 октомври, 2013

Погледнете го „Hurt You“ од Тони Брекстон и Бејбифејс

Познатата американска пејачка Тони Брекстон уште во јуни годинава го најави нејзиниот осми студиски албум, иако претходно изјави дека ќе се повлече од музичката сцена. За новото издание е интересно тоа што не е класичен соло албум, туку заедничко издание на кое ќе се најдат само соработки со неговиот колега и долгогодишен соработник Бејбифејс. Имено, изданието кое го носи насловот „Love, Marriage, Divorce“ ќе содржи песни токму на тема љубов, брак и развод: „Целата перспектива е момче и девојка, Марс против Венера. Дури и кога си вљубен, вљубен си од различни причини“ – изјави 52-годишниот Р&Б музичар, а неговата колешка Брекстон додаде: „Мислам дека поради тоа што и јас и Бејбифејс сме поминале низ разводи, можеме да се поврзиме и да соработуваме заедно на оваа тема, а ќе можат да се пронајдат и сите оние коишто го доживеле тоа.“

Новиот албум кој ќе биде осми за Тони, а десетти за Бејбифејс ќе биде објавен на 25-ти ноември под етикетата на Мотаун Рекордс. Првиот сингл беше претставен во август, а видео изданието за темата насловена „Hurt You“ пристигна деновиве. Како изгледа сето тоа можете да видите горе.

 



Врати се горе ↑