4 јануари, 2014

Погледнете го „Heaven“ од Марга Сол

Познатата продуцентка, музичарка, вокалистка и диџеј Mарга Сол (Марга Сотировска) новата година ја започна со нов видео запис за носечката трака „Heaven” од нејзиниот последен албум „Love Sensation”, кој е веќе во продажба на amazonbeat port и iTunes. Прекрасните предели на крајбрежјето од Преспанското Езеро, поточно кај Стење, и главниот град беа локациите на кои се снимаше екранизацијата за оваа тема, за чија режија беше задолжен Илче Кордановски. Ова е втор пат за Кордановски да се појави во улога на режисер, а неговото првенче беше видео записот за темата „Left & Right“ на Хари Котларовски.

„Продукцијата на видео записот започна на почетокот од летото, но поради летните одмори, обврските на професионален план кои ги имаше Марга конкретно со издавањето на новиот албум, неговата постпродукција беше пролонгирана за средината на есента. Исто така, се чекаше и на финализирање на ремиксуваните верзии од траката ’Heaven’ коишто ќе бидат објавени заедно со видео записот.

Видео записот го снимавме на локации на планината Галичица, на крајбрежјето на Преспанското Езеро кај Стење и на неколку локации во Скопје. Зависно од она што нуди звукот на самата трака, Марга имаше стриктна визија за тоа што всушност сака да прикаже и да визуализира преку видео записот. Поради тоа, беа изработени две пробни монтирани верзии. Постпродукцијата ја работевме заедно со Марга и како финален производ го понудивме она за кое сметаме дека на најдобар можен начин ги овековечува емоциите од оваа извонредна chill-out трака, насловена “Heaven” со што е потенцирано колоритното доживување, одреден контраст и селективен приказ на главната движечка сила на светот воопшто – љубовта.

Се надеваме дека видео записот ќе им се допадне на сите оние кои што ќе го гледаат и дека истиот ќе биде добро прифатен и на просторите надвор од Македонија.

Секако, работењето на овој видео запис претставуваше уште едно напорно но и многу забавно искуство. И секогаш во процесот на продукција и постпродукција се учат многу нови работи со кои и понатаму се надоградувам. Во иднина веќе сум во преговори за снимање на уште два видео записи, но премногу е рано да откривам детали за што конкретно станува збор.

Морам да признаам дека претставуваше исклучително задоволство да се соработува со врвен креативец како што е Марга. Таа е една прекрасна и крајно талентирана личност и се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина.” – изјави Илче Кордановски за Преспана.



Врати се горе ↑