13 ноември, 2012

Погледнете го „До краја света“ од Сви на под!

На регионалниот канал на музичката телевизија MTV вчера премиерно беше прикажан видео записот за песната „До краја света“ на белградската група Сви на под!, со кој го најавуваат нивниот втор студиски албум. Членовите на бендот интензивно го подготвуваат материјалот во нивното студио „Дестилерија“, а половина од песните се веќе готови. Бојана Вунтуришевиќ, која е вокал и авторка на повеќето песни на бендот, изјавила дека не знаат каков ќе биде албумот, тие сепак остануваат свои иако веќе малку пораснале и созреале.

Интересно е тоа што во новата песна како пратечки вокали се јавуваат пријателите на бендот, како што се моделот со веќе солидно искуство во пеењето Андријана Беловиќ и Ида Престер, лидерка на загребскиот бенд Лолобриџида.

Видео записот во целина го реализираше Сагор Мешковиќ, од режија и камера, до монтажа и визуелни ефекти. Тој изјавил дека му пришол на процесот многу интуитивно, од одбирањето на локацијата до постпродукцијата, додавајќи дека сакал да ја деконструира играната форма и да ја замени со питорескна сторија која во скоро секој сегмент ќе го содржи тој псевдо-реализам, вистината од фантазијата.

Необичните локации кои глечачите можат да ги видат во спотот, всушност се наоѓаат долж левиот брег на Дунав, во т.н. Батин канал. Лидерот на бендот, Петар Рудиќ изјавил дека никој не би поверувал дека тоа место се наоѓа на само два километри од Белград, а тој добро го познава уште од детството. Инаку, таму се наоѓа и голем број на заштитени животински видови кои се загрозени од забрзаната експанзија на тој дел од градот.

За потребите за постпродукцијата се користени и некои од современите техники кои на спотот му даваат доза на надреализам во приказната која, според пејачката Бојана, симболично зборува за крајот на светот каков што го знаеме. Протагонисти во нејзината нарација, покрај Рудиќ, се и останатите членови на бендот – тапанарот Горан Милошевиќ, гитаристот Иван Мирковиќ, басистот Иван Михајловиќ и саксофонистот Џемал Ал Кисвани.

Извор: mtv.rs



Врати се горе ↑