Видео

16 февруари, 2019

Погледнете ги настапите од „Греми 2019“

61. доделување на музичките награди Греми се одржа на 10 февруари во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес, а оваа најважна ноќ во музиката помина во знакот токму на одличните настапи на бројните изведувачи што ги пееја своите најголеми хитови, a во продолжение погледнете дел од оние чии снимки се објавени.

Манифестацијата започна со латино-забава за која се погрижи Камила Кабејо со мегахитот „Havana“, со поддршка од своите колеги Рики Мартин, Џеј Балвин, Јанг Таг и легендарниот Артуро Сандовал.

 

Следниот настап беше резервиран за канадската ѕвезда Шон Мендес и  хитот „In My Blood“, кој го изведе во дует со американската колешка Мајли Сајрус. Музичарот најави дека можно е наскоро да нè почестат и со нова заедничка песна, а како звучат Шон и Мајли заедно дознајте во продолжение.

 

Инспирирана од својот идол Принс, вметнувајќи и елементи од Џејмс Браун и Мајкл Џексон, Џанел Моне имаше навистина импресивен настап на годинашното доделување, каде што изведе ја изведе темата „Make Me Feel“ од минатогодишниот визуелен албум „Dirty Computer, со делови од „Django Jane“ и „Pynk“. 

 

Пост Малоун својот настап го започна со баладата „Stay“, а продолжи со хитот „Rockstar“, за на крајот да му се придружи на колегите од „Ред хот чили пеперс“ со нивната „Dark Necessities“.

 

Повеќе ѕвезди настапија во чест на годинашната добитничка на наградата „МјузиКерс“ (MusiCares) – кантри-дивата Доли Партон, a меѓу нив беа Кејти Пери, Кејси Масгрејвс, Марен Морис, „Литл биг таун“ и нејзината кумашинка Мајли Сајрус, со која ја отпеа познатата „Jolene“. За жал, комплетна снимка од настапот нема, а делови можете да погледнете во продолжение.

 

Една од најнадежните млади уметници, номинираната токму за наградата најдобар нов уметник и добитничка на признанието за најдобар ар-ен-би албум (H.E.R) и најдобра ар-ен-би изведба (Best Part) – 21-годишната Габриела Вилсон алијас Хр (H.E.R) имаше навистина воодушевувачки настап со изведбата на темата Hard Place.

 

Годинашното доделување долго ќе го памети и Карди Би, која стана првиот женски изведувач што победил во категоријата за најдобар рап-албум, а на сцената во центарот „Стејплс“ го изведе хитот „Money“, сместен токму на изданието „Invasion Of Privacy“.

 

15-кратната добитничка на Греми, Алиша Киз годинава првпат се покажа и докажа во улогата на водителка на настанот, а пригодата ја искористи и да им оддаде чест на своите музички идоли и нивните песни за кои рече дека би сакала да ги имаше напишано таа. Свирејќи истовремено на два клавира во чест на афроамериканската џез-пијанистка Хејзел Скот, Алиша ги воодушеви присутните и публиката, а како изгледаше и звучеше сето тоа во „клубот Киз“ дознајте во продолжение.

 

По повод својот 75. роденден, легендарната Дајана Рос ги почести присутните со неколку од своите најголеми хитови, воедно и по повод 60-годишнината од основањето на некогашната матична куќа „Мотаун“, а нејзиниот настап го најави нејзиниот 9-годишен внук Раиф.

 

Иако без колегата Бредли Купер, кој истиот ден присуствуваше на британските филмски награди во Лондон за да ја прими наградата за најдобра оригинална музика, Лејди Гага го изведе хитот „Shallow“, во малку поенергична варијанта со колегите Марк Ронсон, Ендру Вајат и Ентони Росомандо. Емотивната балада од филмот „Ѕвездата е родена“ се закити со Греми за најдобра изведба од поп-дуо или група и за најдобра песна напишана за визуелен медиум, освои и Златен глобус за најдобра оригинална песна, а во истата категорија е во трка и за престижниот Оскар.

 

Доста контоверзна се покажа одлуката Џенифер Лопез да настапи во чест на легендарната издавачка куќа „Мотаун“, која годинава слави 60 години од основањето. Имено, латино-дивата во свој стил отпеа едни од најголемите хитови што произлегоа од оваа музичка дружина раководена од Бери Горди, но многумина сметаа дека моќните песни требаше да ги изведе некој со… моќен глас, а тоа сигурно не е Џеј Ло. Ситуацијата ја „ублажија“ Ни-Јо и Алиша Киз, како и една од најголемите ѕвезди на „Мотаун“ – легендарниот Смоки Робинсон, а како изгледаше и звучеше сето тоа дознајте во продолжение.

 

Штитеничките на Бијонсе кои годинава беа номинирани и во категоријата за најдобар нов уметник, младите Клои и Хали му оддадоа чест на американскиот соул-пејач Дони Хетавеј со импресивна изведба на „Where Is The Love“, а како звучеше сето тоа дознајте од (за жал не баш најдобрата) снимка во продолжение.

 

Добитничката на една од најважните четири награди – најдобар нов уметник – Дуа Липа настапи на доделувањето со колешката Сент Винсент, изведувајќи мешавина од хитовите „Masseduction“ и „One Kiss“.

 

На самиот крај од вечерта, во чест на кралицата на соул-музиката Арета Френклин, која почина минатата година, нејзиниот најголем хит „You Make Me Feel (Like A Natural Woman)“ го изведоа Фантејжа, Андра Деј и Јоланда Адамс.



Врати се горе ↑