Настани POETRI SLAM 2015-KAVADARCI2

24 март, 2015

„Поетри слем“ в сабота во Кавадарци

Во сабота, на 28 март, во Домот на културата „Иван Мазов- Климе“ во Кавадарци, со почеток од 19.30 ч. ќе се одржи поетри слем натпревар. Ова е втор слем настан годинава, по слемот во Тетово минатиот месец, во организација на македонскиот слем-тим и во коорганизација на слемерката Цветанка Колева, со помош на здружението на поети и писатели од Кавадарци, „Тиквешки цветови“.

Слемот претставува модерен и перформативен начин на интерпретирање авторски текстови, при кој авторите-изведувачи се натпреваруваат меѓу себе, а петчлено жири избрано од публиката ги бодува текстовите и начинот на изведба со цел да се избере прво, второ и трето место. На победниците ќе им се доделат дипломи и пакет книги, донации од македонски писатели кои го поддржуваат настанот со своите авторски дела: Братислав Ташковски, Трајче Кацаров и Славчо Ковилоски, но и книги поезија од организаторите Перо Сарџоски, Елена Пренџова и Игор Трпче, како и најновиот број на студентското списание „Ш“.

На слемот ќе настапат натпреварувачи од Кавадарци, Неготино, Скопје, Прилеп, Тетово, Велес и Гевгелија. Како и секогаш, со свои изведби, но надвор од натпреварувачкиот дел ќе настапат организаторите, гости на вечерта ќе бидат тројца поети од здружението „Тиквешки цветови“: Љупчо Јовчевски, Надица Тренчева и Тодорка Андова, а во натпреварувачкиот дел ќе се претстават: Аница Блажевска, Васе Алексоска, Виктор Јакимовски, Диме Данов, Димитри Соле Љубин, Драгица Здравеска, Душко Стефанов, Исток Улчар, Константин Карев, Македонка Чадиноска, Марјан Тодоровски, Микица Илова, Милка Миндева и Никола Богевски.



Врати се горе ↑