Галерија 10687083_1415306468793601_5371824841747520690_n

2 јуни, 2015

Поетесата Елена Пренџова на „Protest Fest Poetry Test“ во Тирана

Викендот, поточно во петокот, на 29 мај, во кафе-барот „Хемингвеј“ во Тирана, Албанија се одржа ревијално слем читање насловено „Protest Fest Poetry Test“. Настанот беше организиран од страна на книжевната организација „Поетека Албанија“ со цел да биде претставена македонската поетеса Елена Пренџова на тамошната публика, но и слемот како поетска интерпретација која е сè уште нова и непозната за Албанија. Пренџова го помина месец мај во Тирана, на поетска резиденција доделена од страна на „Поетека“, со поддршка на мрежата „Традуки“ и Министерството за култура на Република Албанија.

На слемот настапија дваесетина поети, преведувачи, уредници и новинари од Албанија, сите членови на „Поетека“: Наташа Лако, Фљутута Ачка, Адриатике Љами, Елјан Танини, Линдита Комани, Сабина Веизај, Демир Ѓерѓи, Аида Баро, Суадела Балиу, Аида Тучи, Фатмира Николи, Бен Андони, Адмира Почи, Едон Кесари, Мимоза Хиса, Пандели Чина, Мухарем Побо, Бети Њума, како и слемерката што живее и настапува во Америка, Јонида Беко, позната под уметничкото име Џипси Јо, а домаќин на вечерта беше организаторот Ариан Лека.

Пренџова настапи на мајчин јазик, а препевите на албански, направени од страна на поетите Линдита Ахмети и Адем Абдулаху и преведувачката Јордана Шемко ги читаа Силвана Лека и Валбона Острени. За време на тамошниот престој, Пренџова оствари и средба со Македонското друштво „Илинден“ од Тирана на која беше пречекана од страна на претседателот Никола Ѓурѓај и потпретседателот Незир Меча.



Врати се горе ↑