Настани tk tak 2013

5 јуни, 2013

Подгответе се за „Т’к так фест 2013“!

Стадионот на спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци ќе биде збирното место на македонските рокери кои на 7 и 8 јуни ќе учествуваат на фестивалот „Т’к так“. На второто издание на „Т’к так“ публиката ќе има можност да види и да чуе некои од легендарните македонски состави кои долго време не функционираат, а се оформуваат токму за оваа пригода. Инаку, целиот фестивал е посветен на прерано починатата рок-легенда Трајко Каров, кој беше член на неколку битни групи што го трасираа патот на македонската рок-сцена.

Фестивалот ќе го отвори групата „Тоа е тоа“, која ја сочинуваат долгогодишните пријатели и соработници на Трајко, а тоа се Мики Јовановски-Џафер, Љупчо Трајковски-Фис, Венко Серафимов-Венс, Бошко Доневски-Чико, Стево Чепишевски и Стевче Грозданов. Покрај оваа супергрупа, на првата вечер ќе настапи и охридската рокенрол-дружина Камелеон, група која има култен статус во домашната рок-музика. Ова ќе биде и најава за нивното враќање на сцената, по долги години музичка апстиненција. По нив ќе следуваат настапите на битолчаните „БТ топ“, на Сале и „СРВ бенд“, како и Канго со неговиот бенд, а првиот фестивалски ден ќе биде затворен со целовечерниот концерт на најславниот кавадаречки рок-состав на сите времиња, „Токму така“ предводен од Бубо Каров.

За разлика од првата вечер во која ќе настапат легендите од македонската сцена, на втората фестивалска вечер ќе има простор и за младите рок-надежи кои ќе се борат за признание. Покрај нив во ревијалниот дел истата вечер ќе настапат Ристе Димитров, Пере Мелов и диџејот Були, Вертиго од Крива Паланка, потоа групата Визија која минатата година беше наградена, оставајќи позитивен впечаток кај стручното жири и публиката, а вториот „Т’к Так“ фестивал ќе заврши со концерт на македонската рокенрол-атракција Ареа.

Годинава билетите за фестивалот ќе бидат бесплатни, а за посетителите ќе биде обезбеден и камп-простор, што ќе биде сместен веднаш до сцената каде што ќе свират групите.



Врати се горе ↑