Настани mtvema

9 ноември, 2014

Подгответе се за европските музички награди на „Ем-ти-ви“ за 2014 година!

Вечерва со почеток од 20, односно 21 часот на музичкиот канал „Ем-ти-ви“ ќе започне директниот пренос од салата „Хајдро“ во Глазгов, каде што по јубилеен 20-ти пат ќе бидат доделени европските музички награди. Во улога на водителка ќе ја видиме популарната раперка Ники Минаж, а наградите ќе ги доделуваат имиња како што се Афроџек, Дејвид Хаселхоф, Ред Фу, легендарниот гитарист Слеш и други, додека со своите настапи во живо манифестацијата ќе ја збогатат Ед Ширан, Аријана Гранде, Енрике Иглесијас, Келвин Харис, Чарли Екс-си-екс, Кајза, „Ројал блад“, „Ју ту“ и Алиша Киз.

Покрај вообичаените категории, годинава е воведена и категоријата „Најдобра песна со порака“, во која се номинирани песни кои ги инспирираат младите луѓе, обработуваат теми кои им се важни и ја зголемуваат свеста за околината и проблемите кои ги мачат. Наградата „Глобална икона“ ќе ја прими британската рок легенда Ози Озборн, а според бројот на номинации води Кејти Пери, која се бори во седум категории. Веднаш позади неа е Аријана Гранде со 6 номинации, Фарел Вилијамс и „5 секндс оф самр“ имаат по 5, а „Уан дајрекшн“, Ники Минаж, Иги Азалија, Еминем, Сем Смит и Кајза имаат по четири номинации.

Кој ќе триумфира, а кој ќе си оди дома со празни раце, ќе дознаеме вечерва. Модата на црвениот тепих ќе имате можност да ја проследите од 20.00 часот, а самата церемонија ќе започне во 21.00 часот.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑