Македонија Backdoor1

10 ноември, 2014

Поддржете го охридскиот рок состав „Бекдор бенд“ на светскиот натпревар „Глобал рок стар“

Охридскиот хард-рок состав „Бекдор бенд“ и оваа година ја претставува Македонија на светскиот музички натпревар во организација на www.globalrockstar.com, пренесува „Охрид њуз“. На овој онлајн натпревар учествуваат претставници од 196 држави и 6 учесници со вајлд карта. „Бекдор бенд“ во светска конкуренција влезе со песната  „Truck & Roll“.

Гласањето за светскиот натпревар е во тек и ќе трае до 20 декември, кога ќе биде прогласен победникот. За да гласате за „Бекдор бенд“, одете на овој линк:  www.globalrockstar.com/arena, пуштете едно од видеата (она за кое сакате да гласате) да оди 10 секунди, па кликнете на VOTE и кога ќе наидете на видеото од „Бекдор бенд“, гласајте за нив. Тоа може да го направите еднаш во 24 часа со регистрирање од Фејсбук профил или Твитер. Првите 60 бендови на крајот од ноември продолжуваат во следниот елиминационен круг. Момците од бендот се надеваат дека со поддршка од публиката ќе успеат да стигнат до големото финале, односно до најдобрите 10. Главната награда за победникот изнесува 25 000 долари, а за второто и третото место се доделува вредна опрема од познатиот бренд „АKG“.

Охридските рокери неодамна го прославија четвртиот роденден на групата, а по авторските теми На задна врата“, „Truck & Roll“ и „Лоша навика“најавија дека наскоро ќе пристигне и четвртата авторска песна, како и долгоочекуваниот деби албум.

„За овие изминати 4 години остваривме повеќе од 300 настапи низ скоро сите градови во државава и неколку гостувања во соседна Србија, Албанија и далечната Норвешка, објавивме 3 авторски нумери со видео записи ( за брзо доаѓа и четвртата, а многу наскоро и нашето долгоочекувано првенче – деби албум), учествувавме на неколку меѓународни музички интернет натпревари каде што освоивме неколку награди и три години со ред успешно го реализиравме нашиот проект ’TRUCK & ROLL’, кој преминува во фестивал. Огромна благодарност до сите Вас, наши пријатели, роднини, соработниви и поддржувачи на нашиот лик и дело! Со ваша помош и поддршка ќе настојуваме да работиме со уште поголем интензитет и да ве изненадуваме со уште многу нови содржини!“, вака се заблагодарија момците од „Бекдор бенд“ на својата фан страница на Фејсбук, објавувајќи го нивниот прв видео запис од 2010 година за преработката на темата „Love Like A Man“ од Алвин Ли, снимен со телефон.

Им го честитаме роденденот и им посакуваме уште многу рок хитови, албуми и концерти!



Врати се горе ↑