Македонија

2 март, 2019

Почина виолинистот Ѓоко Николовски

Од Македонската опера и балет информираат дека вчера почина виолинистот и концерт-мајстор во МОБ, Ѓоко Николовски, роден на 14 август 1927 година во Битола. Тој бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки.

Во Операта и балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станува прв концерт-мајстор каде останал повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други.

Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави.

Посмртните останки ќе бидат изложени во недела од 11 до 12 часот, во капелата на гробиштата Бутел, се наведува во соопштението од МОБ.



Врати се горе ↑