Македонија

14 јануари, 2017

Почина Саша Николовски – Ѓумар

Останавме без уште еден музички гениј. Македонскиот диригент Саша Николовски – Ѓумар почина денеска ненадејно во 50. година од животот.

Роден во Битола во 1966 година, по завршувањето на средното образование се запишува на Електро-техничкиот факултет во Скопје, но го напушта за да се занимава со музика. Се запишува на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија и дипломира како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот за композиција и диригирање, од кој дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

За време на студиите работи како диригент со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтира во Македонската филхармонија и асистира на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски во МОБ. Од 1993 Саша Николовски е музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и е шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и „Скопско лето“.

makedonska-filharmonija-sasa-nikolovski-gjumar-4

Во 1995 настапува со Младинскиот камерен оркестар во Будимпешта на прославата по повод 50-годишнината на Светската федерација на Музичка младина. Истата година го формира оркестарот за современа музика „Синтезис“. Николовски продолжува да се надоградува на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург во класите на истакнатите професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, добивајќи можност да соработува со диригенти како Јури Темирканов и Валериј Гергиев. По неговите студии во Русија, во 1996 започнува редовна соработка со Хорот и Оркестарот на ФМУ во Скопје, Младинскиот камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар и ансамблот „АЛЕА“, настапувајќи на Охридско лето, Хераклејски вечери, Мајски оперски вечери, Прилепско лето и Штипско лето.

Во 1999 магистрира со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учи оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев. За неговата работа со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, во 2001 година е добитникнанаградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови намакедонска музика“. Саша Николовски настапува во Унгарија, Романија, Бугарија,Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предава хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

IMG_1782-520x376

Саша Николовски-Ѓумар ја предводеше и Македонската филхармонија во Македонскиот народен театар за Божиќен концерт на седми јануари.

Меѓу бројните признанија е и Златен Орден за заслуги за Австрија, кое на маестро Николовски му беше врачено од страна на Амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија во име на Претседателот на Република Австрија.



Врати се горе ↑