Свет lovesongs-percy-sledge-590x350

17 април, 2015

Почина легендарниот соул пејач Перси Слеџ

Легендарниот соул пејач, кој се прослави со неговиот деби хит сингл „When a Man Loves a Woman“, Перси Слеџ почина во вторникот, во својот дом во Батон Руж, во сојузната американска држава Луизијана, на возраст од 74 години. Слеџ бил опериран од рак на бубрезите во јануари минатата година, но наскоро продолжил со турнејата. Неговиот најпознат хит „When a Man Loves a Woman“ два пати се искачил меѓу најдобрите 10 на британската сингл листа, а на врвот на американската Билборд листа останал две недели во 1966 година, кога се наоѓал на четвртото место во Британија.

За време на интервју во документарен филм за студиото „Масл шоалс“ (Muscle Shoals) од 2013 година, музичарот се присетил кога прв ја снимил познатата песна: „Кога влегов во студио, треперев како лист. Бев многу исплашен“, признал тој. И покрај тоа што мелодијата ја смислил самиот, авторските права им ги дал на Келвин Луис и Ендру Рајт, затоа што „не знаел подобро“. „Ја имав мелодијата во умот и им ја дадов песната ним, а тие потоа ги напишаа стиховите“, рекол Слеџ, додавајќи: „Задоволен сум со тоа што го напишав, но ги оставив моите деца без ништо бидејќи ја дадов песната на друг – едноставно не размислував добро тогаш.“

 

Песната беше првиот американски број 1 хит, којшто бил снимен во студиото „Масл шоалс“ во Алабама, каде што подоцна снимале и Арета Френклин и „Ролинг стоунс“, a го достигна и првиот златен тираж за „Атлантик рекордс“, чиј извршен директор, Џери Векслер, песната ја опишал како „возвишен момент“ и „света химна за љубовта“. „When a Man Loves a Woman“ остана најголемиот хит на Слеџ, овозможувајќи му долгогодишна кариера исполнета со турнеи ширум САД, Европа и Јужна Африка, со просечно 100 настапи годишно. Дел од неговите успешни синглови се и темитеWarm and Tender Love“, „It Tears Me UpиTake Time to Know Her.

Животниот век на песната дополнително се продолжи во 1991 година, кога своја верзија сними и познатиот американски музичар Мајкл Болтон, искачувајќи се на самиот врв на Билбордовата листа.

 

Пред да ја започне својата музичка кариера, Слеџ работел во полињата со памук, во околината на неговиот роден град Лејтон во северозападна Алабама, а на почетокот на шеесеттите години работел и како болничар. Еден пациент го слушнал како пее додека работел и го препорачал кај продуцентот Квин Ајви. Во својата долгогодишна кариера снимил 9 студиски албуми и бројни синглови, а во Куќата на славните на рокенролот бил внесен во 2005 година.

Слеџ зад себе ја остави својата втора сопруга, Роса Слеџ, со која се ожени во 1980 година, како и 12 деца.



Врати се горе ↑