Свет joecocker

22 декември, 2014

Почина легендарниот Џо Кокер

Легендарниот британски рок и блуз пејач Џо Кокер почина денеска на возраст од 70 години, потврдил неговиот агент. Музичарот од Шефилд во неговата четиридецениска кариера сними 22 студиски албуми, 9 во живо, 14 компилации и 68 синглови, вклучувајќи ги хитовите „Unchain My Heart“, „You Are So Beautiful“, „You Can Leave Your Hat On“ и многу други.

 

Познат по неговиот уникатен вокал, Кокер кариерата ја започнал во шеесеттите години пеејќи во клубови во Шефилд, а се прославил со преработката на хитот „With A Little Help From My Friends“ од „Битлси“, која се искачи на првото место на топ листите во 1968 година и која следната година ја отпеал и на славниот фестивал „Вудсток“.

 

Неговиот дует со Џенифер Ворнс, „Up Where We Belong“ од филмот „Офицер и џентлмен“, исто така го освои првото место, а во 1983 година му ги донесе и престижните награди Греми и Оскар.

 

Својот последен концерт во рамките на неговата минатогодишна турнеја низ Европа го одржа во Лондон во месец јуни, а во 2011 година одржа концерт во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на Авалон Продукција.



Врати се горе ↑