Македонија vanja-lazarova

12 март, 2017

Почина легендарната Вања Лазарова

Пејачката и доајенка на македонската етно музика, Вања Лазарова – Димитрова, почина денес на 86-годишна возраст во Скопје.

Лазарова е родена на 27 април 1930 во с. Страцин, Кратовско. Работела во Операта во Македонскиот народен театар, а беше и членка на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“. Лазарова во својата кариера има испеано стотина македонски изворни народни песни, а ќе остане запаметена и како единствениот македонски артист кој настапувал пред британската кралица Елизабета II и тогашниот премиер, Винстон Черчил.

Меѓу најпознатите песни препеани од Вања Лазарова, се „Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно и други. Во поблиското минато, Лазарова го промени стилот на музика, преку соработките со групата „Анастасија“ и диџејот Кирил Џајковски. Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ при создавањето на музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, а во албумот „Ритмистика“ преработи во современ звук традиционални македонски песни.

За нејзиниот живот и творештво е снимен и документарецот „Вања: Со маки сум се родила“, во режија на Синиша Евтимов.



Врати се горе ↑