Свет

14 мај, 2019

Почина легендарната актерка и пејачка Дорис Деј

На возраст од 97 години, вчера во својот дом во Калифорнија почина легендарната холивудска актерка и пејачка Дорис Деј. Според нејзината фондација, иконата од златното доба на Холивуд боледувала од пневмонија.

Деј беше мошне популарна кон средината на минатиот век, а покрај бројните евергрини отпеа и две со Оскар наградени песни – „Secret Love“ (1953) и „Que Será, Será“ (1956). Има снимено десетици албуми и бројни топ-10 синглови, од кои најпознат е хитот од 1947 година – „Sentimental Journey“. Добитничка е и на повеќе награди, меѓу кои Греми за животно дело и шест Златни глобуси, вклучувајќи го и признанието Сесил Б. ДеМил за особен придонес во забавната индустрија.

 

За време на нејзината актерска кариера, Дорис соработуваше со некои од најголемите холивудски ѕвезди како што се Кери Грант, Рок Хадсон, Кларк Гејбл, Френк Синатра, Кирк Даглас, Лорен Бекол, Гери Купер, Џек Лемон и со 40. американски претседател Роналд Реган, кој пред политичката имаше актерска кариера. Нејзините најпознати улоги се во „Несмасната Џејн“ (Calamity Jane, 1953)„Човекот кој знаеше премногу“ (The Man Who Knew Too Much, 1956) на Алфред Хичкок, „Миленикот на учителката“ (Teacher’s Pet, 1958) и „Тој допир на крзно“ (That Touch of Mink, 1962), а доби и номинација за Оскар за најдобра актерка за улогата во „Разговори на перница“ (Pillow Talk, 1959).

Исто така, се покажа и како одлична водителка на сопственото шоу (The Doris Day Show), кое се емитуваше од 1968 до 1973 година на американската телевизија Си-Би-Ес.

 

Дорис Деј беше родена како Мери Ен Вон Капелхоф на 3 април 1922 година во Синсинати, во американската држава Охајо, како најмладата од три деца. Нејзиниот талент за музика беше забележителен уште во детството, а првиот догово со „Колумбија рекордс“ го потпиша кога имаше само 15 години. Нејзиното пеење наскоро ја однесе и во Холивуд, каде што одигра улоги во 39 филмови.

Покрај музичката и актерската кариера, таа беше и посветен борец за правата на животните. Основач е на Животинската фондација Дорис Деј, а во 2004 година беше наградена и со претседателскиот медал на слободата. Нејзиниот единствен син Тери Мелчер, музичар и музички продуцент, почина во 2004 година.

 


Врати се горе ↑