Балкан Kemal-Monteno-1

21 јануари, 2015

Почина Кемал Монтено

Утрово во болницата „Ребро“ во Загреб на 66-годишна возраст почина легендарниот музичар Кемал Монтено. Познатиот сараевски пејач бил хоспитализиран заради тешка инфекција, но бактеријата му влегла во крвта и околу 11 часот починал од сепса. 

Монтено со години се борел со дијабетес поради што му страдале бубрезите, па во ноември минатата година бил на трансплатација на бубрегот. Иако по трансплатацијата сè било во ред, на Бадник бил повторно хоспитализиран поради тешко воспаление на мочните канали, па останал на болница уште две недели, по што бил пуштен на домашно лекување. Иако пред десетина дена рекол дека се чувствува одлично, за жал, денеска состојбата толку му се влошила што довело до смрт.

Последните денови од својот живот ги поминал во кругот на семејството, сопругата Бранка, ќерката Адријана и синот Џани.

 

Миленик на фестивалската публика

Кемал Монтено е роден на 17 септември 1948 година во Сараево. Татко му бил Италијанец, а мајка му Босанка. Својата успешна кариера ја започна со настапот на фестивалот „Ваш шлагер на сезоната“ во 1967 година, станувајќи миленик на фестивалската публика во Сараево. Редовно добивал први награди и како изведувач, и како автор на музика и текст. За „Шлагер на сезоната“ биле создадени некои од неговите најубави шансони, а кон крајот на седумдесеттите години биле изведувани и неговите најубави песни, своевидните химни „Сарајево љубави моја“ (1976) и „Земљо моја“ (1977).

Во текот на животот издал 14 албуми, а неговите најголеми хитови како што се „Није хтјела“, „Вино и гитаре“, „Немој да те превари овај прамен сједи“, „Сарајево љубави моја“, „Далеко“, „Кој да ти каже Ивана“ ги пеат сите генерации.

Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Тереза Кесовија, Габи Новак, Борис Новковиќ, Раде Шербеџија, Данијела Мартиновиќ се само дел од бројните имиња со кои Кемал соработувал во текот на неговата кариера.

 



Врати се горе ↑