Македонија esma

11 декември, 2016

Почина Есма Реџепова

По кратко и тешко боледување, денеска, 11 декември 2016 година, почина кралицата на ромската музика, Есма Реџепова, на возраст на 73 години.

Родена на 8 август 1943 година, како второто од шесте деца на семејството Реџепови, Есма ја покажува својата љубов кон музиката уште од рана возраст, брзо учејќи комплицирани ритми од локалната ромска музичка организација. Во 1956 година, без знаење на нејзините родители се пријавува на натпревар за таленти во Радио Скопје и со песната „А бре баби“ го освојува првото место и награда од 9.000 динари.

Импресиониран од нејзиниот талент, Стево Теодосиевски ја зема под своја закрила како дел од ансамблот „Теодосиевски“, а подоцна станува и нејзин сопруг. Тој ја охрабрува за понатамошно усовршување и таа се запишува на музичката академија во Белград, каде што останува 2 години, а потоа заминува на турнеја со ансамблот, во чии рамки ќе напише и испее дел од своите најпознати хитови, меѓу кои легендарната „Чаjе шукарије“.

Во својата 5-децениска кариера Есма ќе сними околу 600 песни, вклучувајќи два платинести и осум златни дискови. Со ансамблот „Теодосиевски“ ќе сними 108 синглови, 32 касети, 15 дискови, шест видео касети и бројни телевизски настапи. Ќе одржи повеќе од 22.000 концерти ширум светот, од кои една третина за хуманитарни цели.

Есма е една од најзаслужните музичари што ја популаризираа ромската музика и култура, за што и го добива епитетот кралица на ромската музика. Во текот на долгогодишнатата кариера ќе забележи и бројни соработки со колеги, меѓу кои Тоше Проески, Калиопи, Влатко Лозаноски, Кирил Џајковски, Дуке Бојаџиев  и други.

Покрај титулата кралица на ромската музика, таа е добитничка на повеќе награди и признанија како што се „13 ноември“ од град Скопје, Прима дона на европското пеење, наградата Бјорнсон од Норвешката Академија за литература и слобода на изразување, наградата за особени заслуги за Македонија и национален уметник на Македонија.

 

И покрај тоа што нема да роди, таа ќе посвои и ќе се грижи за педесетина деца, за кои ќе обезбеди сигурен живот и школување, а дел од нив ќе продолжат по нејзините стапки во музичките води.



Врати се горе ↑