Свет george-michael

27 декември, 2016

Почина Џорџ Мајкл

2016 е дефинитивно една од најтажните години во музичката историја. Уште на самиот почеток светот го изгуби легендарниот Дејвид Боуви, по него заминаа и Морис Вајт од „’Рт, уинд енд фајр“, кантри легендата Мерл Хагард, незаменливиот Принс, уникатниот Леонард Коен, а и Македонија се збогува со своите музички легенди Љупка Димитровска и Есма Реџепова

Само што помисливме дека завршивме со лошите вести, во неделата, 25 декември, почина и познатиот британски пејач и музичар Џорџ Мајкл на возраст од само 53 години. Како што соопшти неговиот портпарол, пејачот починал мирно во својот дом, а причина за прераната смрт била откажување на срцето.

Џорџ Мајкл, чие вистинско име е Ѓоргос Киријакос Панајоту, е роден на 25 јуни 1963 година во Лондон и по потекло е од Кипар. Љубовта за музиката ја открива од рана возраст, а како тинејџер се запознава со Ендру Риџли (Andrew Ridgeley), со кого подоцна го формира дуото „Уем“ (Wham). Нивните хитови „Wake Me Up Before You Go Go“, „Freedom“ и „I’m Your Man стануваат едни од најпознатите песни од осумдесеттите, а од нивната заедничка работа се раѓа и празничниот класик „Last Christmas“.

 

 

Во 1984 година, Мајкл ја започнува својата соло кариера со хитот „Careless Whisper“, по кој следуваат четириесетина синглови, 5 студиски албуми, 2 компилации, триесетина видео записи, 5 светски турнеи…

Секако, тука се и соработките со бројни колеги од музичкиот свет, како што се „Квин“, Елтон Џон, Пол Макартни, Мери Џеј Блајџ, Витни Хјустон, Арета Френклин… За време на својата тридецениска кариера добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои две Греми, три британски и три американски музички награди.

Како што е познато, католичкиот Божиќ се слави токму на 25 декември, a за жал, ова беше неговиот последен Божиќ (Last Christmas)…



Врати се горе ↑