Македонија dule

23 септември, 2013

Почина Дуле од дуото „Дуле и Коки“

Денеска околу 11 часот во скопската клиника на интензивна нега починал познатиот македонски пејач Душан Љубисављевиќ од дуото Дуле и Коки, пренесува Точка. Иако првичните информации кои ги пренесоа дел од македонските медиуми беа дека пејачот починал од инфаркт, сепак како причина за неговата смрт се наведува неколкумесечната борба со рак на црниот дроб, за која знаеле многу малку луѓе. Поради тешката состојба во која се наоѓал пејачот, денеска рано изутрина неговите органи започнале да откажуваат, а смртта настапила околу 11 часот поради откажување на работата на неговото срце.

Дуле позади себе ја остави сопругата Љупка Настовска, со која бил во врска подолго време, а се оженил со неа пред само неколку месеци. Во овој брак тој ја прифатил и нејзината 5-годишна ќерка. Инаку ова е негов втор брак, откако се раздели од првата сопруга, сопственичката на ланецот за продажба на хулахопки „Санда“, со која се ожени пред 5 години и чиј брак траел само една година.

Како дел од дуото Дуле и Коки, кое годинава слави јубилеј од 20 години, пејачот отпеа хитовски рефрени кои се пеат до денес, а веруваме дека и понатаму ќе останат значаен дел од македонската музика. За дуото неодамна беше снимен и документарен филм во кој се зборува за нивните почетоци, славата и идните планови, а истиот можете да го погледнете во продолжение. Вечна му слава…

 



Врати се горе ↑