Македонија dragan-karanfilovski-bojs

28 мај, 2015

Почина Драган Каранфиловски – Бојс

Денеска почина Драган Каранфиловски – Бојс, кантавтор и творец на евергрините – „Опасно сум вљубен во тебе“, „Бели нарциси“, „Валерија“, „За мене најдобра“, „Лулај ме нежно“, „Зелен шал“, „Парижанка“, „Весела романтика“, „Афричко лето“...

Кариерата ја започнал во рок-музиката кога во 1973 година ја формирал групата „Македонија“. Своите најголеми успеси, како автор и музичар, ги остварил откако во 1975 година станал член на тогаш култната битолска група „Мадригали“, преименувана подоцна во „Трн во око“. Со овие групи ќе ги сними своите најпознати рок-песни: „Здраво млади“, „Македонски рок“, „Битола“, „Македонија“, „Скопски блуз“, „Плати една дупла“, „Марш да те нема“, „Зошто јас човек сум мал“, „Чудна игра“.

 

Со групата „Мадригали“, на Гитаријадата во Заечар во 1977 година ја освојуваат првата награда од публиката и првата награда од музичкото списание „Џубокс“. „Мадригали“ настапиле и на фестивалот „Младина ’77“, а следната година на истиот фестивал, но со новото име „Трн во око“, оствариле голем успех со „Млад ерген ама што сум“.

 Од опусот со песни за други пејачи, мошне популарни беа: „Јануарска ноќ“ (Зафир Хаџиманов), „На минус 23“ (Трајче Манев), „Моја латина“ (Дарио и Миг 21), „Искро моја“(Игор Џамбазов), „Штипската пастрмајлија“(Питер Џон Босе), „Една игра јас и ти“ (Даниел Поповиќ), „Заведи ме“ (Верица Каранфиловска).  За групата „Бубамара“ ги напиша хитовите „Бај,бај“ и „Хело, хело“, изведени на „Макфест“. 

 

 

Неговата „100 посто те љубам“ (XXL), со која Македонија учествуваше на „Евровизија 2000“, е несомнено една од најхитовските песни со која Македонија учествуваше на евровизиските фестивали. Минатата година Бојс ја доби Наградата за трајни вредности на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Извор: Утрински



Врати се горе ↑