Македонија масе

25 мај, 2015

Почина Димитар Масевски – основоположникот на македонската забавна музика

Во саботата на 78-годишна возраст почина познатиот македонски композитор и музички продуцент Димитар Масевски. Тој е еден од основоположниците на македонската забавна музика, има продуцирано околу 2000 композиции. Автор е на композицијата „Последна солза“ која ја пеела Блага Видец и која се смета за прва забавна песна испеана на македонски јазик. Тој е автор и на првата детска песна на македонски јазик „Рингшпил“. Компонирал и музика за тв-серии, театарски претстави, новосоздадена фолклорна музика. Еден е од организаторите на обновениот „Скопски фестивал“, кој во 2014 година му ја додели награда за животно дело.

Димитар Масевски е роден во Скопје во 1937 година. Од рано детство сакал да свири на мандолина, на инструментот на кој свирел неговиот татко.

По ослободувањето, заедно со својот другар Александар Џамбазов се запишува во средното музичко училиште. Веќе во втората година од средното обрзование тој почнува да ги пишува првите авторски песни. Во 1956 година, кога умира татко му, Масевски е принуден да го напушти школувањето и се вработува во Забавниот оркестар на Радио Скопје како музичар на удиралки.

Screenshot_7

Професионалниот ангажман на Масевски во МРТВ е повеќекратен. Првенствено тој е еден од клучните личности во продуцентската дејност кај нас.  Во 1967, по едногодишниот престој во Белград, Масевски на покана од Драган Бојаџиев-Батко и композиторот Благоја Ивановски – основачите на  Музичката продукција на МРТВ, се враќа во Скопје и ја започнува дејноста како продуцент за забавна музика. Така, 70-тите се времето на интензивна музичка продукција и популаризација на забавната музика во Македонија. Во тој период, заедно со авторот и продуцент Славе Димитров, Масевски има продуцирано околу 2000 композиции од кои 80% од македонски автори и изведувачи. На тој начин Масевски вложува огромен ангажман за грижата и афирмацијата на постојните и нови автори, текстописци, аранжери и плејада пејачи како на пр: Нина Спирова, Зоран Георгиев, Диме Поповски, Зоран Милосављевиќ, Сашка Петковска, Верица Ристевска, Драган Мијалковски и други. Голем број од овие интерпретатори членуваат и во неговиот прв вокален ансамбл „Димас”.

Screenshot_5

„Во периодот кога работев како музички продуцент, како автор фестивалите не ми беа предизвик. Се обидував да бидам присутен само тогаш кога ќе почувствував дека имам силна инспирација и убава песна. Мојата професионална девиза е да се учествува само тогаш кога авторот има што да каже”, ќе изјави  Масевски.

„Но затоа, пак, особено бев исполнет кога на фестивалите учествував во жири-комисиите и кога можев да ја вложам сета своја креативна моќ во збогатувањето на музичкиот материјал на изведените композиции”.

dimitarmasevski

Оттогаш, од 1967 па сè до пензионирањето во 2002 година, Масевски останува во МРТВ, на различни позиции и високи функции: уредник на Музичката продукција; уредник на Забавната редакција на Телевизија Скопје; уредник на Забавната програма на МТВ; советник на директорот на Македонската телевизија и советник на генералниот директор на МРТВ.

Screenshot_2

Сиот свој работен стаж го посветува на афирмацијата на македонската забавна музика низ продукцијата на телевизиски емисии преку аудио и видео компоненти. Со свои идеи, сценарија за емисии и видео-спотови, во интерес на севкупната програма, Масевски како уредник (продуцент) на Редакцијата за забавна програма е главната личност во креирањето и изгледот на музичките програми на МТВ. Шест емисии во кои како уредник се јавува токму Масевски се добитници на највисоки телевизиски признанија. Најпрестижни се сребрената и бронзената роза освоени на Светскиот фестивал за телевизиски емисии во Монтре, Швајцарија, на авторот Дарко Марковиќ – „Каша – миш-маш” и „Фестивал”.  Другите наградени емисии и спотови се следниве:

– Шоу-машина – автор Дарко Марковиќ – наградена на фестивал во Порторож, Словенија.

– Музичка цртанка – со Леб и сол – специјална награда за оригинална идеја. – ТВ Спотот СКОПЈЕ на Леб и сол – автори Столе Попов и Горан Стефановски.

– Полн пансион со Леб и сол – автори Слободан Унковски и Горан Стефановски – Прва награда во Неум.

– Спотот Бонбониера – Кревети со Леб и сол – автор Слободан Унковски – Прва награда во Белград за ТВ Спот. 5

Screenshot_4

Димитар Масевски е добитник на повеќе годишни награди на МРТ за квалитетно и професионално ангажирање, како и на Орден на трудот со сребрени зраци.

Во 1960 е примен во Друштвото на композиторите на Македонија како еден од најперспективните македонски композитори на популарната музика. Како музички уредник во МТВ, Масевски е автор на телевизискиот фестивал за забавни мелодии ТВ Спот. Исто така, тој е еден од иницијаторите и организатори на  возобновениот Скопски фестивал.

Музичкото творештво на Димитар Масевски опфаќа околу петстотини композиции. Во историјата на македонската забавна песна Масевски ќе остане забележан и со песната „Последна солза” во интерпретација на Блага Видец како прва песна испеана на македонски јазик на југословенската забавна сцена на Фестивалот на Југословенската радиодифузија во Белград во салата на Домот на синдикатите на 22 јуни 1957 година.

Screenshot_10

Исто така, Масевски е автор и на првата детска песна на македонски јазик „Рингишпил” изведена од Блага Видец и Никола Автовски на јавна емисија на Радио Скопје. Според жанрот, композициите на Масевски опфаќаат три музички области: забавна-популарна, народна и детска. Во жанрот на забавната музика е и музиката за ТВ драми и серии, театарски претстави.

Композициите од жанрот на забавната музика се најмногу ориентирани кон лесната шлагерска мелодија. Масевски е еден од првите композитори на забавна музика кои црпат инспирација од богата ризница на македонскиот фоклор. Неговата „Како сонцето што зајдува” и композицијата „Село мое” на Слободан Николовски-Боде се, всушност, првите етно-поп песни во македонската забавна музика. Според  тематиката која ја обработуваат забавните песни на Масевски може да се поделат на: – родољубиви („Партизанска ноќ”, „Христијан” итн.) и – лирски („Последна солза”, „Гриша”, „Љубен си”, „Ангела” итн.)

Screenshot_6

Масевски има компонирано и инструментални композиции кои се верзии на неговите вокални песни: „Остани мој”, „Молчи молчи”, „Зимски здив” и „Визија на мојата среќа”. Звуците на мелодиите, како „Љуби ме Мирјанке”, „Молчи молчи љубов моја”, „Ангела”, „Бела хризантема”, „Приспивна за реката”, „Моја добра гитаро”, „Лет на гулаб бел” итн. се несомено македонски евергрин мелодии. И денес кога ќе ги слушнеме будат спомени за едно време во кое авторите создавале со голем ентузијазам и верба во опстанувањето на македонската забавна песна.

Како автор Масевски има соработувано со голем број пејачи, а неретко тој  открива и афирмира нови пејачки имиња на домашна сцена кои стануваат популарни и остануваат до ден денес македонски музички легенди , како како на пример: Зоран Георгиев, Зафир Хаџиманов, Нина Спирова, Даниела Панчетовиќ, Сашка Петковска, Драган Мијалковски, Верица Ристевска, Јанко Узунов, потоа Силви бенд, Росана Сариќ,  Лидија Кочовска, …

Screenshot_13

Од текстописците Димитар Масевски најмногу соработувал со Ѓоко Георгиев, Љупчо Стојановски, Јован В. Павловски, а од аранжерите со: Драган Ѓаконовски, Славе Димитров, Корнелие Ковач, Перо Готовац, Живоин Глишиќ, Дамир Имери, Тодор Трајчески и други.

Во периодот од  1968 до 1988 година Димитар Масевски ја има напишано музиката за сите серии во продукција на тогашната Телевизија Скопје , како што се: „Волшебниот воз“, „Детективи“, „Волшебното самарче“, „Курирот на Гоце“, „Белото циганче“, „Шути и рогати“, „Итар Пејо“ итн…

Screenshot_11

Во тој период, исто така Масевски компонира музика и за телевизиски филмови и драми, театарски претстави и претстави за деца, како на пример: „Коприварник“, „Тумбарник“,„Далгарник“ итн.

Во 1985 година започнува да компонира народна музика во духот на староградската песна. Има создадено околу 100 композиции од кои најголемиот број се изведени на домашните фестивали притоа и наградени. Особено популарна е песната „Љубов голема” или „За многу години, Македонци” во интерпретација на Виолета Томовска и Наум Петрески. Во последните десеттина години Масевски во целост и се посветува на новосоздадената народна песна.

Screenshot_12

Неговата последна композиција е „Свечена песна за Св.Климент Охридски” напишана за хор,солисти и камерен оркестар, изведена во Охрид со  Славица Петровиќ-Галиќ, Маријан Николовски и Камерен оркестар.

На  „Скопскиот фестивал 2014“, како на еден од  најзаслужните личности за неговото возобновување, организаторот – неговата матична куќа МРТВ на бардот на македонската музика му ја додели наградата  „Животно дело“ за  особени заслуги во развојот, афирмацијата и популаризацијата на македонската забавна музика.

Оригиналните песни и певливите мелодии на Димитар Масевски остануваат водилки и за новите генерации кои сакаат да создаваат во духот на македонската забавна традиција и светската поп  музика.

Димитар Масевски почина на 78-годишна возраст на 23 мај 2015 година во Скопје.

Неговиот син Александар Масевски, композитор и продуцент  ја продолжува  музичката традиција на семејството Масевски.

Извор и фотографии: Вистина.мк



Врати се горе ↑