Свет BBKing_02092010_7670

16 мај, 2015

Почина блуз легендата Би-Би Кинг

Легендарниот блуз музичар и гитарист Би-Би Кинг, кој го популаризираше овој музички жанр повеќе од шест децении, починал во четвртокот (14 мај) на возраст од 89 години. Кинг, кој бил дијагностициран со дијабетес пред речиси 30 години, минатиот месец бил хоспитализиран заради дехидрација, а минатиот октомври бил приморан да откаже осум концерти заради дехидрација и премореност. Веста за неговата смрт за „Асошиејтед прес“ ја потврдил неговиот адвокат, Брент Брајсон.

Во неговите доцни осумдесетти, Кинг одржувал целогодишни турнеи како неприкосновен амбасадор на блузот. Неговиот автентичен вокал во комбинација со неговата електрична гитара, која ја нарекувал Лусил, буквално го дефинираа овој музички жанр. Добитник е на 15 Греми награди, а во куќата на славните на рокенролот бил внесен во 1987 година.

„Тој несомнено е најважниот уметник во блузот“, напишал Ерик Клептон во неговата биографија во 2008 година, додавајќи дека е „најскромниот и најискрен човек што некогаш би посакал да го сретнам. Во поглед на структурата, верувам дека ако Роберт Џонсон е реинкарниран, тогаш тој е Би-Би Кинг.“

Рајли Б. Кинг е роден во Ита Бена во сојузната американска држава Мисисипи, на 16 септември 1925 година. Неговите млади родители се развеле кога имал само 5 години, а мајка му починала кога имал 9 години, така што го одгледала неговата баба. Кинг се отпишал од училиште во десетто одделение (втора година средно по наше) и заработувал за живот собирајќи памук и пеејќи госпел песни на улица, а за музиката учел од неговиот роднина Бака Вајт. Прв пат се оженил на 17 години: „Веројатно барав љубов, бидејќи никогаш немав некој што ме сакал и верувал во мене“, објаснил Кинг.

Во 1948, Кинг живеел во Мемфис работејќи како возач на трактор кога добил можност да настапи во локална радио емисија, што подоцна му овозможило да одржува шест концерти неделно во популарниот клуб „Вест Мемфис“, заработувајќи по 12 долари од ноќ. Токму во Мемфис се запознал со уметници како што се Луис Џордан и Ти-боун Вокер, каде што за прв пат слушнал како звучи електична гитара: „Кога го слушав Ти-боун се чувствував како да сум во рајот“, рекол тој.

 

Својот прв број 1 хит го имал во 1951 година со синглот „3 O’Clock Blues“, а по него следуваа уште десетици други меѓу кои и „You Upset Me Baby“ од 1954, „Sweet Sixteen“ од 1960 и други. Една вечер во 1949 година, Кинг настапувал на некоја игранка во Твист, Арканзас, кога двајца мажи започнале да се расправаат за една жена по име Лусил и буквално го запалиле клубот превртувајќи една од нафтените печки. Клубот бил веднаш евакуиран, но Кинг се вратил по неговата гитара, која ја нарекол Лусил. И покрај тоа што бил оженет два пати, Кинг секогаш тврдел дека неговата вистинска љубов била Лусил, токму затоа тоа име им го давал на сите гитари што ги имал: „Лусил е вистинска“, напишал еднаш тој: „Кога свирам на неа, тоа е исто како да ги слушам нејзините зборови и, секако, нејзините солзи. Понекогаш кога свирам, чувството е исто како да разговарам со неа. Ти кажува нешто. Комуницира со мене.“

 

Дел од неговите најпознати хитови ги снимил во доцните шеесетти години, кога се преселил во Њујорк и започнал да работи со менаџерот Сид Сајденберг, кој му закажувал настапи на поголеми и значајни фестивали. Во тој период ги снимил „Paying the Cost to Be the Boss од 1968, „Why I Sing The Blues“ и „The Thrill Is Gone“ (оригинално снимена во 1951 година од Рој Хокинс), која во 1970 година му ја донесе престижната Греми награда.

 

Во седумдесеттите, Кинг снимил неколку албуми со неговиот долгогодишен пријател Боби Бланд, а соработувал и со Стиви Вондер, кој се потпишал како автор на To Know You Is to Love You“ од 1973 година. Во 1988, пак, соработувал со познатиот ирски бенд „Јуту“, снимајќи ја песната „When Love Comes To Town“ за нивниот албумот „Rattle and Hum“. За оваа соработка Боно рекол: „Кога работевме на песната, му ги покажавме акордите и тој рече, ’господа, јас не се занимавам со акорди. Јас го правам ова (мислејќи на неговиот соло стил)’. Има поука во тоа. Како што го опиша Кит Ричардс – тој е специјалист!“

 

Во 1991, Кинг го отворил својот прв блуз клуб во Мемфис, а подоцна отворил уште многу други ширум САД. И во овој период музичарот сè уште уживал голем комерцијален успех; во 2000 година со Ерик Клептон го снимил албумот „Riding With the King“, кој се искачи на врвот на албумската листа за блуз изданија и оствари двоен платинест тираж.

 

Кинг исто така бил и страсен читател и интенет ентузијаст кој еднаш му покажал на млад новинар како да претвори винил во мп3 формат: „Боже, не знам како сум живеел без него!“, рекол тој за компјутерот.

„Публиката ме третира како моето презиме. Кога се качувам на сцена луѓето обично стануваат. Никогаш не го барам тоа од нив, но стануваат, а не ни знаат колку многу го ценам тоа“, рекол Кинг.

Извор: Ролинг стоун



Врати се горе ↑