Македонија 1504011_693539577346743_471487487_n

23 декември, 2013

Почина Ацо Богдановски – Конга

Оваа 2013 година во македонската музичка историја ќе остане запаметена како година во кој изгубивме два музичари кои оставија голема трага во македонската музика. По трагичната вест за смртта на Душан Љубисављевиќ од дуото Дуле и Коки, кој почина во септември годинава, денеска македонската јавност беше шокирана од уште една лоша вест. И покрај хуманитарните акции и настани организирани со цел да се соберат парични средства за лекувањето на нашиот познат музичар на ударни инструменти, сепак Ацо Богдановски – Конга ја изгуби битката со тешката болест на зглобот од десната рака и утрово почина на возраст од 53 години.

Ќе го помниме како извонреден музичар на ударни инструменти, во минатото член на повеќе рок, поп-рок и џез состави. Негова страст беа конгите, по што го доби и својот прекар. Пошироката јавност се запозна со Конга како член на првата постава на бендот Нокаут, формиран во 1997 година, заедно со Никола Перевски – Пере, Владимир Крстевски – Франц и Кирил Колемишевски. Иако повеќе не е меѓу нас, Конга ќе продолжи да живее преку бројните хитови како што се „Илјада причини за крај“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Еј би си“ и многу други.

Тимот на РадиоМк изразува сочувство на семејството и пријателите на Богдановски. Вечна му слава…



Врати се горе ↑