Настани ImageProxy

14 мај, 2013

Побрзајте за Аква Парк Фест

Летото годинава започнува порано и тоа токму со  АКВА ПАРК ФЕСТ, фестивалот кој како прво open-air издание на петнаесетгодишниот Таксират се одржува на 24-ти и 25-ти мај во Пробиштип, со кој воедно ќе биде одбележано и отворањето на новата сезона на првиот Аква парк во Македонија. Време е да го разведриме сопственото секојдневие, а во прилог на оваа цел ни оди и временската прогноза според која за време на одржувањето на АКВА ПАРК ФЕСТ, конечно не очекуваат убави сончеви денови, па можеме слободно да се препуштиме на плановите за незаборавен дводневен провод.

За да не бидете оние на кои само ќе им раскажуваат за најдобрата забава годинава, ве потсетуваме дека останати се уште мал број од „earlybird“ влезниците кои се продаваат по специјалната промотивна цена. Во оваа понуда достапни се:

• фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Следните денови побрзајте за овие билети бидејќи веќе од понеделник (20-ти мај 2013) се менува цената на влезниците кои ќе чинат 500 (за еднодневни влезници) и 800 денари (за фестивалските влезници). Билетите пак кои ќе се продаваат за време на одржувањето на фестивалот, 24-ти и 25-ти мај, на влезот на АКВА ПАРК ФЕСТ ќе бидат достапни со полна цена од 600 и 900 денари.

Билетите во претпродажба можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на  МКтикетс.

За ова лето навистина да го започнете најдоброто до сега, на АКВА ПАРК ФЕСТ обезбедено е и бесплатно престојување во фестивалскиот камп, па подгответе се добро пред да заминете, бидејќи на целодневните журки на АКВА ПАРК ФЕСТ сигурно ве очекува најуникатното фестивалско искуство годинава. На наше особено задоволство, првиот фестивал од овој тип кај нас, уште од самото објавување предизвикува голем интерес не само кај нас, туки и во соседните земји. Очигледно е дека заеднички го чувствуваме недостатокот на вакви настани кај нас и потребата за повеќедневно будење на слободниот фестивалски дух и поттикнување на колективната позитивна енергија на настан на кој младите луѓе ќе имаат можност, покрај забавата со концертите на музичките ѕвезди, да дознаат нешто ново, да уживаат во разновидноста на фестивалската програма и да стекнат нови пријатели.

На АКВА ПАРК ФЕСТ посетителите ќе имаат можност да ги проследат своите омилени музички бендови, диџеи и неколку нови надежни демо бендови кои музичката слава допрва ги чека, можност да се забавуваат во природа и со различните водени атракции на Аква Паркот, да учествуваат во спортски активности… Од музичката програма веќе се потврдени настапите на PAUL VAN DYK, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, MARK KNIGHT, SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, СУПЕРХИКС, ФОЛТИН, BERNAYS PROPAGANDA, S.A.R.S., Smut, Foolish Green, Conquering Lion, Сашко Костов & TWW, Iceberg & Lephonq, Flooder, Rootboy, Цобе&Стефано, New Sound Band, Ghetto Rudi, Branchez, No End, Прв Ред, Skullcrush, Skyrise и Anna O.

Во рамките на активностите за општествена ангажираност и одговорност, АКВА ПАРК ФЕСТ вклучува работа на проекти како од еколошка така и од областа на музиката и уметноста, што ќе придонесе за будење на чувството на поврзаност и меѓузависност помеѓу човекот и природата и за спроведување на здрав начин на живот во хармонија со природното опкружување. Фестивалот ги обединува силите на еко-активистите, музиката и уметноста, студентските организации, владините и невладините организации, во заедничка акција за сочувување и решавање на проблемите со животната средина. Ве потсетуваме дека во тек е и конкурсот на кој сите еко активисти, граѓани и организации ангажирани во полето на екологијата, како и младите талентирани уметници кои сакаат да учествуваат во уметничкото уредување и декорирање на фестивалскиот простор, со своите проекти , дела и предлози можат да се пријават на info@aquaparkfest.com и да земат активно учество во оваа заедничка акција.



Врати се горе ↑