Свет

12 јули, 2018

Победничката евровизиска песна на Израел е плагијат?

Низ историјата на „Евровизија“ Израел се најде во центарот на веројатно најголем број скандали, а се чини дека ни годинава не е исклучок. Имено, откако Нета Барзилаи ја извојува 4. победа за оваа земја, нејзината песна „Toy“ неодамна доби обвинение дека е плагијат. Тоа го тврди американската корпорација „Јуниврзал мјузик студиос“, наведувајќи дека победничката тема е, всушност, копија на хитот Seven Nation Army“ (2003) на групата „Вајт страјпс“ (White Stripes).

Корпорацијата им пратила предупредувачко известување на авторите на „Toy“, Дорон Медали и Став Бегер, дека има намера да поднесе и официјално обвинение за прекршување на авторските права. Медали, кој и самиот ја потврди веста, ќе отпатува во САД за да се обиде да најде решение за овој проблем. Медали на сево ова одговорил дека тој и Бегер биле „изненадени што добиле такво писмо и дека преземаат мерки да се реши проблемот. Верувам дека сè ќе биде успешно решено во следните неколку недели, и дека двете страни ќе бидат задоволни“.

 

 

Според „Тајмс оф Израел“, доколку двете страни успеат да направат спогодба, тие ќе ги поделат авторските права на песната, но во тој случај ЕБУ би можела да утврди дека песната не е оригинална и да биде дисквалификувана од натпреварот. За Џерузалем пост, пак, од ЕБУ изјавиле дека не им обрнуваат внимание на овие „неосновани гласини“.

Минатиот месец беше доведено во прашање дали натпреварот следната година ќе се одржи во Ерусалим, каде што се одржаа и претходните две изданија, во 1979 и во 1999, а во официјалното соопштение од ЕБУ стои дека изборот на град-домаќин традиционално ќе се одвива по пат на „наддавање“, како и дека крајната одлука и официјалните датуми за одржување на двете полуфинални и финалната вечер ќе бидат познати во септември.

 



Врати се горе ↑