11 декември, 2015

По втор пат доделени музичките награди на Би-би-си

Британската радиодифузна корпорација, односно Би-би-си, од минатата година започна да доделува свои музички награди, во чии рамки се наградуваат бројни музичари, во различни стилови и жанрови, додека на самата манифестација се доделуваат само најважните категории како што се британски уметник, интернационален уметник, песна на годината и слично.

На второто по ред доделување на музичките награди на Би-би-си, кое се одржа синоќа во Бирмингем, секако дека триумфираше британската ѕвезда Адел, која освои два златни микрофони во категориите најдобар британски уметник и најдобар настап во живо. Пејачката не беше присутна на манифестацијата, но се заблагодари преку видео порака.

За песна на годината, воедно и единствена категорија во која гласаше публиката, беше одбран хитот „Take Me To Church“ на Хозиер (настапот погледнете го горе), а за најдобар интернационален уметник беше прогласена Тејлор Свифт, додека наградата „Би-би-си Ви претставува“ (BBC Introducing) отиде во рацете на Џек Гарат.

На манифестацијата настапија и бројни музичари како што се „Уан дајрекшн“, Ели Гоулдинг, Џејмс Беј, „Фејтлес“, Џес Глин, Хозиер, „Литл микс“, Род Стјуард и други.

И.Ј.



Врати се горе ↑