За Вас dbk

12 јуни, 2014

По повеќе од две децении, „Заборави ако можеш“ заминува во историјата

Во редовниот термин од 17 часот на Македонското Радио – Радио 2 завчера се емитуваше последната емисија од легендарниот серијал „Заборави ако можеш“, чиј автор и водител е легендарниот Драган Б. Костиќ. Човекот кој повеќе од две децении нè забавуваше и едуцираше за музиката и од кој сè уште учи секој музички новинар, во  вторникот на 10 јуни наполна 64 години и официјално замина во пензија.

Покрај музичката енциклопедија „Заборави ако можеш“ во чии рамки се потсетувавме на хитовите кои ги одбележаа минатите децении, како и нивниот пласман на најважните светски топ листи како што се британската и Билбордовата (американската), во историјата замина и емисијата „Дискоселектор“.

Објавата дека Драган заминува од етерот на Македонското радио, заедно со своите култни емисии, разви голема полемика на Интернет и на социјалните мрежи. Многу луѓе тоа го примија со големо разочарување, по што почнаа да се прават разни обиди и петиции за спас на емисиите. На сите тие Драган им се заблагодари преку својот профил на Фејсбук.

„Забележувам петиции за спас на емисијата „Заборави ако можеш“. Им благодарам на креаторите, но изјавувам дека не сум поттикнал ниту една, бидејќи немав потреба. Законски е јасно, сум ја исполнил возрасната обврска, а МРТ нема интерес да го продолжи емитувањето на емисиите, што е нивно право. Не можам ништо против тоа, освен во скоро време да пронајдам нова фреквенција за истите или за некои други радиски проекти. Уште еднаш им благодарам на сите добронамерни, кои во медиумската безличност во овие емисии пронаоѓаа оаза. Не е лесно по повеќе од 12.000 емисии или повеќе од 15.000 часа пред истиот микрофон да станеш и да си заминеш. Ќе се обидам“ – напиша Костиќ пред последната 4 661 емисија, која можете да ја преслушате овде.

„Кога бев многу помлад се прашував: Ќе дојде ли време и јас да си ја пеам? Ете, дојде…“, додаде Костиќ објавувајќи ја песната „When I’m Sixty Four“ од Битлси. Честито пензионирање!

 



Врати се горе ↑