Настани Panco Andrej

12 септември, 2013

По Пиволенд, ДНК со настап на Тиквешкиот гроздобер во Кавадарци

Скопското Кале вчеравечер беше премало да ја собере публиката дојдена да го слушне најдоброто Р&Б дуо во Македонија, ДНК кое заедно со својот бенд со настап во живо ја имаа честа да го отворат шестото издание на Пиволенд. Идејата на организаторите на една од најголемите манифестации во земјава да се промовира македонската музика и култура уште на самиот старт беше прифатена од неколкуилјадната публика која синоќа се забавуваше со најголемите хитови на ДНК. Перформансот започна опуштено со истоимената песна од  албумот „Срце“, а потоа продолжи со хитовите „Таа тоа го крие“, „Авион“, „Од утро до мрак“, „Што сака нека биде“, „Дада“, „Полна Месечина“, „Навлечен на тебе“ и тн.

„Задоволството да се отвори една ваква манифестација со настап во живо беше големо. Чувството е неописливо и пресреќни сме што лошите временски услови немаа никакво влијание врз публиката која дојде и одлично се забавуваше со нас на главната сцена на Скопско Кале“ – изјавија Панчо и Андреј после настапот.

Утревечер, на 13-ти септември (петок) ДНК повторно ќе бидат дел од една голема манифестација, овој пат на градскиот плоштад во Кавадарци каде што заедно со својот бенд ќе имаат настап во живо во рамките на  „Тиквешки гроздобер 2013“.



Врати се горе ↑