За Вас RADIO 106 OFICIJALNO LOGO 2012

12 декември, 2015

По 15. пат ќе се доделуваат битолските и македонски Греми награди

Радио „106“ од Битола и оваа година ќе ги прогласи најдобрите артисти и нивните изданија од светската музичка сцена. 106-ка започна со овој амбициозен проект уште во 2001 година, во обид да го преточи вкусот на битолската и македонската музичка публика во церемонија на доделување на награди од типот на познатите Греми, Брит и сличните на нив, но, според наш вкус, мислење и според тоа колку и кои од песните биле популарни кај нас. Така, секоја година 106-ка продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна шоу програма во која ги прогласува најдобрите хитови и музичари во вкупно 20 категории, меѓу кои се категориите за најдобра поп, рок, латино, хип хоп, ар-ен-би, денс, саундтрак песна, најдобар ремикс, продуцент, машки, женски артист, најдобра група, хит на годината според 106-ка и хит на годината според слушателите. Меѓу артистите сонајмногу номинации, односно шанси за победа во категориите се Марк Ронсон, кој има 9 номинации, Викенд има 7, Мејџор Лејзер 6, Оми и Eли Гоулдинг имаат по 5 номинации, а по 4 или помалку шанси за победа имаат: Виз Калифа, Селена Гомез, Ники Џем, Адел, Келвин Харис, Ед Ширан, Тејлор Свифт, Сиа, Џејсон Деруло, Питбул, Меклмор и Рајан Луис, Силенто, „Марун 5“, Крис Кеб, Кендрик Ламар, Џастин Бибер, Хозиер, Џејмс Беј, „Фифт хармони“, „Јирс енд јирс“, Џеси Џеј, Османи Гарсија, Крис Браун, Аријана Гранде, Дејвид Зоуви, Дејвид Гета, „Лост фрикуенсис“, Грегори Портер, Андреа Ди, Лукас Греам, „Флоренс енд д машин“, „Фол аут бој“, „Уок д мун“, Леонард Коен, Макс Мартин, Скрилекс, Кајго, Дрејк, Алесја Кара и уште многу други познати музички имиња.

И оваа година, шоуто ќе изобилува со ексклузивитети, како интервјуа со познатите музички ѕвезди, меѓу кои и Џејсон Деруло, Адел, Мејџор Лејзер, Оми, Ели Гоулдинг, Марк Ронсон, Тејлор Свифт, Хозиер, Џастин Бибер, Меклмор и Рајан Луис, Селена Гомез и Ник Џонас и со концертни изведби на најпознатите хитови на годината.

Во шоуто се воведени и две новини со кои се ажурирани пропозициите и правилата на шоуто. Една е сосема нова категорија – „Најдобра латино песна“, која е воведена како претпоследна 19. категорија и уште една новина е во последната категорија „Специјално признание за животно дело“. Досега во оваа категорија имаше само по еден артист или група, а од оваа година бројот на добитници на ова признание ќе биде неограничен. Специјално признание за животно дело низ годините добивале: Мајкл Џексон, Мадона, „Ју ту“, Принс, „Депеш мод“, Стиви Вондер, Боб Дилан, „Ролинг стоунс“, „Ред хот чили пеперс“, Брус Спрингстин, Шаде, „Симпли ред“, а за 2015 година вакво признание добиваат трите музички легенди: Стинг, Ерик Клептон и „Ар-и-ем“.

Шоуто премиерно ќе се емитува на фреквенцијата на 106-ка (106.6 фм) на еден ден пред нова година – 30 декември, со почеток во 15.00 часот. Гласањето е во тек, а комплетната листа на номинирани во сите категории, пропозициите и повеќе детали имате на www.106.com.mk.



Врати се горе ↑