Македонија 0f4dadd0-b4c8-410a-8b59-fa5d6f59da3b

30 ноември, 2015

„Плутос даутс“ се победници на „Лузер фест 2015“!

Првиот настан од оф-програмата – ПИН КОНФЕРЕНЦИЈАТА со која беше отворен фестивалот „ТАКСИРАТ“, во саботата вечер беше свечено затворена со одржувањето на годинашното издание на возобновениот „ЛУЗЕР ФЕСТ“! Скопје за време на овие два дена наликуваше на вистински европски музички центар во кои публиката имаше несекојдневен предизвик да проследи голем број од новите музички имиња од повеќе земји кои во иднина со сигурност ќе ги гледаме на големите сцени на престижните фестивали ширум Европа. Само во музичката програма на овој настан која се одвиваше два дена од 19.00 часот па сѐ до 02.00 часот по полноќ, имавме огромно задоволство и ретка прилика кај нас да уживаме во извонредните настапи на повеќе од 40 одлични бендови, гости од Европа и од Македонија, а секако и исклучително квалитетните настапи на 10-те финалисти на „ЛУЗЕР ФЕСТ“.

По пребројувањето на гласовите од публиката и од жирито на „ЛУЗЕР ФЕСТ“, ги имаме и новите победници кои добиваат снимање и објавување на албум, снимање на видео спот, а кои заедно и со второпласираниот и третопласираниот бенд ќе бидат понудени за настап на големите европски фестивали ЕГЗИТ, СИГЕТ, ПОХОДА и ШПАНЦИРФЕСТ, кои по свој избор ќе поканат еден од овие бендови да настапат на нивните следни изданија во 2016 година.

Во одличната и позитивна атмосфера во МКЦ, по вкупното бодување, најдобрите три бендови од конечната ранг-листа на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ беа во ист редослед и избор како според гласовите од публиката, така и според гласовите од жири-комисијата.

Конечната ранг-листа на „Лузер фест“ изгледа вака:
1. „Плутос даутс“ (PLUTO’S DOUBTS)
2. „Метаноја“ (METANOIA)
3. „Гаргојлс“ (GARGOYLES)
4. „Кепурдат“ (KEPURDHAT)
5. „Брука бенд“ (BROOKA BAND)
6. „Пресен зрак“ (PRESEN ZRAK)
7. „Астероид“ (ASTEROID)
8. „Визија“ (VIZIJA)
9. „Пулс екипа“ (PULS EKIPA)
10. „Екс-ју“ (EX-YOU)

Им честитаме на победниците, но и на сите учесници и им посакуваме успешна понатамошна работа! Според тоа што го покажаa на сцената искрено веруваме дека во блиска иднина ќе имаме можност повторно да се видиме со сите бендови кои настапија на „ЛУЗЕР ФЕСТ“! За нас „ЛУЗЕР ФЕСТ 2015“ беше вистинско уживање, а за тоа се заслужни и особено им благодариме на сите кои беа дел од почетокот на „ТАКСИРАТ 17“: сите финалисти, гости, посетители, волонтери, пријатели!

„ТАКСИРАТ 17“ ја продолжува својата оф-програма, а во неа покрај веќе распродадените концерти на „РУНДЕК КАРГО ТРИО“ и „ТУ ЧЕЛОС“ (4 декември, арена „Метрополис“), ве очекуваме и на:

  • РЕТРО МАТИНЕ на 3 декември во МКЦ, Скопје – настанот наменет за пензионерите кои во рамки на оваа несекојдневна забава од 11.00 до 18.00 часот ќе имаат прилика да уживаат во богата и разновидна програма, музички настапи, модна ревија и видео проекции;
  • Настанот во знак на одбележување на Светскиот ден на волонтери – Taksirat Volunteers Day на 4 декември во МКЦ, кој вечерта носи специјалната музичка програма „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“ во знак на прославата на 20 годишнината од постоењето на „Пи-ем-џи колективот“ и 10 години од првиот концерт на бендот „Пи-ем-џи колектив“. На „Пи-ем-џи колектив“ оваа вечер ќе му се придружат со настап во живо и групите „Д Џон“ и „Сетстат“, а со диџеј сетови ќе се претстават легендите на македонското клупско небо РОБОТЕК, ДАРКО ЈОРДАНОВ и НИНО НАУМОВ.

Билетите за „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“ се достапни во продажната мрежа на МКтикетс и чинат 100 денари.

САМО УШТЕ ДВА ДЕНА ЗА БИЛЕТИТЕ ЗА ТАКСИРАТ СО ПРИВИЛЕГИРАНА ЦЕНА

За само седум дена, нѐ очекува и главната вечер на фестивалот „ТАКСИРАТ“! На 7 декември на големата сцена во арената „Метрополис“ ќе имаме чест да ги пречекаме виртуозното хрватско дуо кое го освои светот „Ту челос“, великаните на музичката авангарда „Лајбах“, шведската power/heavy метал атракција „Сабатон“, жестоките каталонци „Ла пегатина“, култниот хип хоп состав „С.А.Ф.“ и Тони Китановски со „Литл биг бенд“ и диџеј составот на лондонскиот дабстеп феномен „Модстеп“, за затворање на фестивалот.

Актуелната привилегирана цена во претпродажба за билетите за главната вечер е 699 денари, а истата важи САМО ДО 1 ДЕКЕМВРИ! По завршувањето на оваа акција, билетите за главната вечер ќе чинат 899 денари, додека пак полната цена на билетите кои ќе се продаваат на 7 декември изнесува 999 денари.

Ве советуваме да побрзате за овие билети и што поскоро да го резервирате своето место на големото финале на „ТАКСИРАТ 17“. Билетите за главната вечер на ТАКСИРАТ се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑