Настани 12321110_1666488250294827_3910021202560666944_n

12 декември, 2015

Платформа „5-ка за Битола“ против загадувањето

Граѓаните на Битола, согласно демократските процеси во Република Македонија и правото за учество на граѓанинот во креирањето на општествените политики, ја претставуваат платформата „Петка (5-ка) за Битола“.

„Оваа платформа содржи 5 итни мерки, за кои е докажано дека доколку се реализираат, состојбата со загадениот воздух во Битола, во голема мера ќе се подобри и стави во нормала, со што ќе се намали бројот на енормните заболувања кои се последица на загадениот воздух“, велат организаторите од здружението „За нас се работи“, повикувајќи ги своите сограѓани денеска (сабота, 12 декември) во 18.00 часот да дојдат на плоштадот „Магнолија“ и да ја изразат својата загриженост, својот револт и својот страв за своето и здравјето на своите најблиски.

„Причина за овој повик е алармантната долгогодишна состојба со загадениот воздух во градов и околината. Во текот на нашето досегашно делување за жал не успеавме да ги лоцираме точните загадувачи по кои би делувале, но тоа што во овој момент е повеќе од јасно е дека виновни сме СИТЕ НИЕ. 

Од тие причини, ние како граѓани на Битола повикуваме на поддршка на платформата за Битола наречена ’5-ка за Битола’. Во оваа платформа наведуваме 5 најитни мерки за справување со загадувањето на воздухот, и сметаме дека согласно сите експертски анализи и наоди, со реализирање на истите, во голема мера ќе се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух.

Платформата ’5-ка за Битола’ ги содржи следните ИТНИ МЕРКИ

1. Режим на сообраќајот во централното подрачје на градот.
2. Прскање на улиците со соодветна хемиска смеса. 
3. Јавен еколошки градски превоз.
4. Субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домакинствата
5. Преадаптација на постојната топлификација во институциите, како што се болница, училишта, суд, полиција и приванти субјекти кои загревањето на своите простории го вршат преку согорување на тврди горива (мазут).

Ние сметаме дека сите мерки предвидени во платформата се реално остварливи и дека сега е моментот кога сите чинители на општествените политики имаат можност да ја покажат својата добра волја и разбирање на горливиот проблем на битолчани. 

Ние како здружение на граѓани во изминативе, а и наредниве денови по 12.12 2015 година ќе ја доставиме платформата до сите здруженија на граѓани, политички партии, збратимените градови на Битола, амбасадите во РМ и конзуларните претставништва како и до сите други чинители во градот и Р. Македонија со барање за нејзина поддршка. 

Морам да напоменам дека досега добивме поддршка од над 70 организации.

Овој собир ќе означи почеток за поддршка на петицијата со собирање на потписи на граѓаните и истата ќе биде доставена до советот на општина Битола со барање да биде изгласана и доставена до Владата на Р. Македонија за нејзино итно спроведување. 

Да не се залажуваме, овој проблем не подразбира ПАРТИСКА ВЕРСКА ИЛИ БИЛО КАКВА ДРУГА ОБОЕНОСТ.

Овој проблем е приорет над сите приоритети!
Овој проблем ги убива сите луѓе 
Овој проблем е безмилосен
Овој проблем се решава со добра воља и висока свест. 

На 12.12. во 18.00 часот да излеземе да ја искажеме нашата загриженост, нашиот револт и нашиот страв, зашто ЗА НАС СЕ РАБОТИ“, пишува во соопштението.

За сите оние што денеска нема да бидат во можност да ја потпишат петицијата, односно се надвор од градот или државата, истото можат да го направат и онлајн на овој линк.

Оваа иницијатива ја поддржаа и голем број познати личности и уметници од Битола, како што се пејачката Каролина Гочева, групите „Љубојна“, „Фолтин“ и „Фонтана“, диџејот Аце Мице, актерката Маја Андоновска-Илијевска и други.



Врати се горе ↑