28 ноември, 2017

Питбул и „Фифт хармони“ ги здружија силите за „Por Favor“

Мегахитовите „Despacito“ и „Mi Gente“ годинава повторно им го отворија патот на латино-хитовите да се искачат меѓу најслушаните песни ширум целиот свет, поттикнувајќи бројни музичари од други бранши да се обидат да ги зачинат своите синглови со латино-ритам, а и (барем) по некој стих на шпански. Се разбира дека поголемиот дел од нив имаат и потекло од некоја земја од шпанското говорно подрачје, што е олеснителна околност, а едни од нив се и девојките од американската група „Фифт хармони“.

Четирите членки на групата оформена на американскиот „Х фактор“ ги здружија силите со популарниот кубански рапер Питбул, а темата насловена „Por Favor“ или „Те молам“, чиј рефрен потсетува на „My Boo“ од Ашер и Алиша Киз, ветува да биде уште еден инстант-хит за годинава. Пејачите премиерно го изведоа синглот на неодамнешното доделување на латино-верзијата на наградите Греми, а сега го објавија и официјалното видео, кое можете да го погледнете горе.

2017 беше доста исполнета година и за девојките и за Господинот 305. Имено, после заминувањето на Камила Кабејо кон крајот на минатата година, преостанатите четири девојки продолжија со полна пареа како квартет, објавувајќи го епонимното, трето по ред студиско издание во нивната кариера, а паралелно работат и на соло-кариери. Питбул, пак, после објавувањето на 10. студиски албум „Climate Change“ (март, 2017), за 1 декември се подготвува да објави компилација со најголемите хитови, во комплет со сосема новиот сингл „Jungle.

 



Врати се горе ↑