Свет

7 февруари, 2019

Пинк си доби ѕвезда на Холивудската патека на славните

Најновата ѕвезда на Холивудската патека на славните во Лос Анџелес го носи името на популарната американска пејачка Пинк. 39-годишната ѕвезда ја доби оваа чест после повеќе од две децении на музичката сцена, на која и понатаму успешно опстојува благодарение на бројните хитови, албуми и акробатски настапи, воодушевувајќи ја публиката ширум целиот свет.

„Мојот прв договор го потпишав пред 23 години, но тогаш не ни помислував дека ме очекуваат две децении исполнети со луда забава, со цело семејство од луѓе што патуваат со мене на ова неверојатно искуство“, рече пејачката, заблагодарувајќи им се особено на своите обожаватели, без чија поддршка не би била тоа што е.

Посебно му се заблагодари и на сопругот Кери Харт, за кој рече дека е нејзината музика. „Да не ме нервираше толку, не би имала што да кажам. Ти благодарам за тоа!“

Присутни беа и нејзините две деца, ќеркичката Вилоу Сејџ и синчето Џејмисон Мун, за кои рече дека се нејзините ѕвезди и не би можела да сјае без нив.

 

Пинк ја искористи пригодата да го најави и својот нов, осми по ред студиски албум „Hurts To Be Human“, кој е закажан за април годинава, а воведниот сингл насловен „Walk Me Home“ ќе го објави на 22 февруари. Изданието ќе го наследи мошне успешниот „Beautiful Trauma“ (2017), каде што се сместени хитовите „What About Us“, насловната тема, „Whatever You Want“ и „Secrets“.



Врати се горе ↑