Видео pink

17 февруари, 2016

Пинк ќе пее на саундтракот за продолжението на „Алиса во земјата на чудата“

Пинк ќе запее на саундтракот за претстојното продолжение на Дизниевиот филм од 2010 година, „Алиса во земјата на чудата“, насловен „Алиса зад огледалото“ (Alice Through the Looking Glass). Имено, пејачката сними преработка на хитот White Rabbit, кој групата „Џеферсон ерплејн“ го објави во 1967 година, а интересно е тоа што е инспириран од оригиналната приказна за „Алиса во земјата на чудата“.

 

Покрај оваа преработка, која може да се слушне и во трејлерот за новиот филм, на саундтракот ќе се најде и уште една, сосема нова песна од Пинк. Во „Алиса зад огледалато“, во главните улоги повторно ќе ги видиме Миа Вазиковска како Алиса, Ен Хатавеј како Белата кралица, Џони Деп како Лудиот шеширџија и Хелена Бонам Картер како Црвената кралица, а улогата на Времето ќе ја игра Саша Барон Коен. Меѓу актерите кои ги позајмија своите гласови за „анимираните“ ликови, се најде и неодамна починатиот британски актер Алан Рикман.

„Алиса зад огледалато“, во режија на Џејмс Бобин и во продукција на Тим Бартон, во кино салите ширум светот ќе стигне на 27 мај.

 



Врати се горе ↑