Настани cb012ff9-b7b2-4c68-ad9a-40f02095e7b1

21 ноември, 2015

„ПИН“ музичката конференција со повеќе од 40 концерти и гости од 22 земји од Европа

Во тек е регистрирањето за посетителите на „ПИН“

Во рамките на 17. „ТАКСИРАТ“, за само една недела нѐ очекува второто издание на меѓународната „ПИН“ музичка конференција, која ќе се одржи во „МКЦ“ во  Скопје, на 27 и 28 ноември. Програмата на „ПИН“ конференцијата е веќе комплетирана и подготвена за време на овие два дена да ги пречека посетителите на возбудливо дружење со повеќе од 200 гости од 22 земји од Европа, 100 музичари, 30 шоукејс концерти, 20 панели, работилници, филмови и затворање на конференцијата со финалистите и гостите на возобновениот „ЛУЗЕР ФЕСТ“! Со овој уникатен музички собир во последниот ноемвриски викенд ќе биде официјално отворена програмата од седумнаесеттото издание на фестивалот „ТАКСИРАТ“.

Само во рамките на музичката „шоукејс“ програма на конференцијата, во МКЦ ќе имаме прилика да ги чуеме во живо дел од најквалитетните веќе докажани и нови имиња од музичката сцена како „ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ“, „ЏУН“, „ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ“, „ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ“, „ПРОЏЕКТ ОРФЕУС“, „ГАВРНМЕНТ“.

Покрај македонските изведувачи, „ПИН“ со свој настап ќе ги пречека и новите музички таленти од повеќе земји од странство, меѓу кои „AЛБЕРТАЈН“ (АLBERTHAIN) од Германија, „ЏОЈКАТ“ (JOUYCUT) од Италија, „КАНДИЈА И ГОЛЕ ЖЕНЕ“ (KANDZIJA I GOLE ZENE) од Хрватска, „ЛУДОВИК МАТЕРИЈАЛ“ (LUDOVIC MATERIAL) од Словенија, „ЗРНИ“ (ZRNI) од Чешка, „ПАНОНИЈА ОЛСТАРС СКА ОРКЕСТАР“ (PANNONIA ALLSTARS SKA ORCHESTRA) од Унгарија и „ИЛС“ (ТHE ILLS) од Словачка, кои пак за оваа пригода испратија и видео поздрав за публиката од Македонија.

Подеднакво атрактивна е и дневната панел-програма на конференцијата, во чии рамки „ТАКСИРАТ“ и „ПИН“ ќе бидат домаќини на голем број музички промотери, агенти, продуценти, менаџери, новинари, граѓански здруженија, претставници на јавни институции, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани, а само мал дел од нив се: Glastonbury, Eurosonic Noorderslag, Sziget, Exit, Przystanek Woodstock, Pohoda, Melt!, Berlin Festival и тн. Скопје за време на овие два дена повторно го трасираме како европски епицентар за размена на напредни идеи и знаења од областа на музичката индустрија, музичката уметност и културата.

„ПИН“ влезниците за целосната програма на конференцијата ќе се продаваат само во деновите на одржувањето на конференцијата, на билетарата во МКЦ, а ќе чинат 200 денари. Покрај овие, ќе се продаваат и дневните конференциски (за дневната програма) и фестивалски (за вечерната програма) влезници, кои пак чинат 100 денари. Но, сите кои се заинтересирани да бидат дел од „ПИН“ Конференцијата, задолжително мора претходно да го регистрираат своето присуство на овој линк, најдоцна до 26 ноември.

Присуството на „ПИН“ конференција е бесплатно за сите оние кои се професионално вклучени во музичката сцена и музичкиот бизнис, музичари, новинари, културни активисти, музички работници. Истите, за да бидат акредитирани за целосната програма на „ПИН“, задолжително треба да се пријават на апликацијата за акредитирање која е достапна на овој линкСите детали околу влезниците, акредитациите и начинот на регистрирање се достапни на официјалната интернет страница на конференцијата www.pinconference.mk.

Годинава „ПИН“ конференцијата се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West Is The Best”. Проектот е поддржан од  страна на „Вишеград фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со „AAA Production“ (EXIT; Србија), „Dokufest“ (Косово), „Pohoda festival“ (Словачка), „Sziget Festival“ (Унгарија), „Colour Мeeting“ (Чешка) и „Ethno Port Poznan“ (Zamek Culture Center; Полска).

ПРОМО-БИЛЕТИ ЗА ГЛАВНАТА ВЕЧЕР НА ТАКСИРАТ, САМО ДО ПОНЕДЕЛНИК (23.11.)

Покрај „ПИН“ конференцијата, во рамките на офф-програмата на ТАКСИРАТ“ ќе се одржат повеќе настани, од кои веќе се најавени концертот на „РУНДЕК КАРГО ТРИО (30 ноември, МКЦ), македонската премиера на „ЃУРОЛОГИЈА (3 декември, Дом на АРМ), концертот на „ТУ ЧЕЛОС“ (4 декември, арена „Метрополис“) и секако, главната вечер на „ТАКСИРАТ“ на 7 декември.

Промотивните влезници за главната вечер на „ТАКСИРАТ“ кои се достапни со привилегирана цена од 499 денари се скоро пред целосно распродавање и ќе се продаваат само до понеделник, 23 ноември! Оваа промотивна акција се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс, а по нејзиното завршување влезниците за „ТАКСИРАТ“ ќе бидат достапни со повисока цена.

За главната вечер на „ТАКСИРАТ“ веќе се најавени настапите на авангардните индустријал легенди од Словенија „ЛАЈБАХ, шведската метал атракција САБАТОН, еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови ЛА ПЕГАТИНА, култниот македонски хип хоп состав С.А.Ф.“ со Тони Китановски и „Литл биг бенд“ и затворањето на фестивалот со диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група „МОДСТЕП“!



Врати се горе ↑