10 ноември, 2013

Пикси Лот ја преработи „Royals“ од Лорд

22-годишната британска пејачка Пикси Лот деновиве го најави нејзиниот трет студиски албум, а новиот материјал ќе биде инспириран од познатата издавачка куќа Мотаун. Музичарката често прави преработки на хитовите од нејзините колеги, а последното што пристигна од неа е нејзината верзија на актуелниот мега хит „Royals“ од Лорд, кој веќе шест недели со ред стои на врвот на билбордовата Хот 100 листа.

Со овој гест Пикси сакала да ѝ се заблагодари на Лорд: „Прекрасниот артист кој стои позади оригиналната песна еднаш го преработи и мојот деби сингл „Mama Do“… и многу ми се допадна“ – напишала пејачката на Твитер, а потоа додала: „Има толку многу преработки на оваа песна, но морав и јас да пробам. Ја сакам оваа песна!“

17-годишната музичарка од Нов Зеланд која го освои светот со нејзиниот сингл од деби албумот „Pure Heroine“, често се наоѓа во центарот на вниманието и поради нејзините навидум претенциозни изјави со кои им „објавува војна“ на нејзините колешки, како што се Тејлор Свифт и Селена Гомез, а одби и соработка со францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета со образложение дека „тој е одвратен“. Сега на ред дојдоа и поранешните Дизни ѕвезди; во неодамнешно интервју за магазинот GQ, пејачката рекла: „Разликата меѓу тие деца и мене е тоа што јас израснав сосема нормално, одев на забави и доживеав сè што требаше да доживеам во тоа време. За разлика од нив, јас сега немам потреба со својата појава да врискам ’Погледнете ме колку сум луда!’“ Иако не споменала ниту едно име, јасно е дека во оваа група спаѓаат многу изведувачи меѓу кои се и Мајли Сајрус, Селена Гомез, Линдзи Лохан, Бритни Спирс, Кристина Агилера, Ванеса Хаџинс, Ешли Тисдејл, Хилари Даф и Деми Ловато.

Потоа Лорд изјавила дека нејзиниот сегашен скромен и нормален став потекнува од фактот што таа е дете од скромно потекло: „Толку се навикнав да немам пари, што не можам ни да замислам да потрошам повеќе од 200 долари одеднаш.“ 



Врати се горе ↑