Промоции pklmn

12 декември, 2014

„Пиколомини“ се враќа на сцената со нов албум

Вториот албум на скопскиот соло/псевдо-проект „Пиколомини“ под наслов Меѓу митови и бомби ќе биде промовиран вечерва (12 декември) во „Ла Кања“ во 20 часот.

Станува збор за прво албумско издание на независната издавачка куќа „Шарла“, a деби-албумот „From Subway to My Way“ на „Пиколомини“ во 2007 година го издаде Стотројка. На истото музичкото радио, Канал 103, веќе „се врти“ новиот сингл на „Пиколомини“, „Наш Свет е нов бран“ што го најавува албумот „Меѓу митови и бомби“, кој содржи осум песни испеани на македонски јазик. Албумот е најавен како „спокоен консумент кој чека да биде консумиран“.

„Од воведната ‘Илуминација’ и референцата за последниот човек на Ниче, до последната ‘Мајка со дете‘ инспирирана од родоначалникот на македонската модерна уметност, Никола Мартиновски, албумот ве вози низ згуснат пасаж од мелодии и звуци во кој се топат илузиите за љубов, технологија и колективна свест, нудејќи можност за избор од мноштвото светови околу и во нас самите“. Материјалот е целосно авторски, изведувачки и продукциски производ на Давид Ангелевски, реализиран во студио „Кларион“.

Миксот е на Дејан Ангелевски, а мастерингот го изработи Саше Пуцковски. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Атанас Ботев.

Извор: Утрински весник преку Радио МОФ


Врати се горе ↑