Свет

6 март, 2019

Песните на Мајкл Џексон тргнати од програмата на радија ширум светот

Продолжува сагата со реакциите по емитувањето на контроверзниот документарен филм „Напуштајќи ја Недојдија“ (Leaving Neverland), во кој некогашните „пријатели“ на Мајкл Џексон – Вејд Робсон (36) и Џејмс Сејфчак (41) – го обвинуваат славниот музичар дека сексуално ги злоупотребувал кога имале 7 и 10 години. Иако ова не е првпат кралот на поп-музиката да биде обвинет за вакви постапки, во екот на движењето #MeToo реакциите сега се поинакви.

Имено, освен што многу обожаватели на Џексон изјавија дека нема да можат да ја слушаат неговата музика откако го гледале документарецот, слична одлука донесоа и повеќе радија ширум светот кои решија да не ги емитуваат неговите хитови во својата програма. Како што пренесуваат американските медиуми, песните на Џексон нема да се слушаат на повеќе радија во Нов Зеланд, како и во Канада.

„Мајкл Џексон во моментов не е на ниту една плеј-листа на радијата на ’Медија воркс’. Тоа е одраз на нашата публика и желбите на нашите слушатели, а наша задача е да ја пуштаме музиката што сакаат да ја слушаат“, изјавил претставник на новозеландската компанија „Медија воркс“.

Додека едни веруваат во експлицитните наводи на Робсон и Сејфчак, други застануваат во одбрана на Џексон тврдејќи дека станува збор за лага и обид да се профитира од името на познатиот пејач. Меѓу нив се и долгогодишните пријатели на Џексон, некогашните детски ѕвезди Меколи Калкин и Кори Фелдман, кои исто така често претстојувале на ранчот на Мајкл и сè уште тврдат дека никогаш не се случило ништо несоодветно. Ова уште еднаш го нагласи и Фелдман, кој и самиот бил жртва на педофилската мрежа што сè уште „оперира“ во Холивуд.

Во врска со контроверзиите се огласи и неговиот некогашен соработник и колега Стиви Вондер, кој се надева дека сето ова нема да влијае на неговото музичко наследство. „Тој почина, мртов е. Се надевам дека ќе можеме да го продолжиме неговото наследство на инспирацијата што им ја даде на многу деца и многу луѓе ширум светот“, рекол легендарниот музичар, кој има напишано неколку песни за Мајкл, а во дует ја отпеаја и „Just Good Friends“ сместена на албумот „Bad“ (1987).

 

И покрај сите реакции, експерт тврди дека сево ова нема да има негативен финансиски ефект врз Имотот на Џексон, чија вредност после неговата смрт во 2009 година се зголеми за неколку милијарди долари.

„Сега е ерата на #MeToo, но сепак треба да се земе предвид дека овие не се нови обвиненија и сметам дека луѓето нема да реагираат толку остро во споредба со други славни личности за кои не би можеле ни да замислиме да ги поддржиме сега, а Мајкл е мртов веќе цела деценија“, изјавил Адам Страјсенд, водечки адвокат на имоти на славни личности од Лос Анџелес.

Тој додаде дека најголемиот ризик е губењето на партнерства со брендови и компании кои не би сакале да бидат поврзувани со контроверзии и нема да поддржат нови проекти на Џексон. Какви ќе бидат последиците од оваа најнова во низата контроверзии за славниот музичар, останува да видиме.

 



Врати се горе ↑