Свет happy-birthday-emoticons

23 септември, 2015

Песната за „Среќен роденден“ сега ни припаѓа на сите!

Најпознатата роденденска песна „Happy Birthday to You“ е конечно „слободна“, пресуди Федералниот суд во Лос Анџелес.

Приказната за оваа куса песничка од неколку стиха започнува во 1893 година, со една учителка од Кентаки и нејзината постара сестра. Пети Смит Хил и Милдред Џ. Хил ја напишале песната за дечињата во градинката каде што работела Пети, давајќи ѝ го насловот „Good Morning To All“, а оригиналниот текст одел вака: „Good morning to you / Good morning to you / Good morning, dear children / Good morning to all.“

Пети подоцна рекла дека со сестра ѝ сакале да компонираат едноставна мелодија што ќе биде соодветна со стиховите и ќе биде лесна за пеење. Сестрите ја објавиле песната во книгата насловена „Певливи приказни за градинка“, а авторските права му ги дале на издавачот „Клејтон Ф. Сами ко.“ (Clayton F. Summy Co.), во замена за процент од продажбата.

Тоа беше само почеток на заплетканата мрежа од закони за авторски права што, според бројни адвокати, не може да се применат на една од најпознатите песни во светот. По „Клејтон Ф.“, авторските права ги наследи „Бирч три груп“ (Birch Tree Group), која во 1988 година стана дел од компанијата „Ворнер мјузик“ (Warner Music), па така, во изминативе осум децении, секој филм, реклама, телевизиски проект или ресторан морал да плати и до 5.000 долари за користење на оваа песна. Но, на сето тоа деновиве му дојде крајот, кога Федералниот суд во Лос Анџелес пресуди дека ниту една компанија нема право да наплаќа авторски права за познатата песна.

„’Happy Birthday’ е конечно слободна после цели 80 години“, изјавил Рендал Њуман, адвокатот кој претставувал група филмаџии што снимаат документарен филм за песната.

 Извор: latimes.com 



Врати се горе ↑