28 мај, 2015

Песната на кампањата „Шанса за живот“ доби официјален видео запис

Детски насмевки, радост и многу позитивни емоции се провлекуваат во видео записот за песната на кампањата „Шанса за живот“, во кој се вклучија поп пејачите Виктор Апостоловски, Рената, Наталија Славева и Лозано, како и хорот на „Златно славејче“. Будејќи длабоки емоции, видеото испраќа порака до граѓаните и компаниите со свои донации да ја поддржат кампањата, иницирана од ОКТА, а наменета за  опремување на Интензивниот оддел на Клиниката за детски болести во Скопје.

Пејачите, кои се дел од овој проект, со видео записот се надеваат дека ќе се подигне свесноста за проблемите со кои се соочува овој оддел и ќе се соберат доволно донации за да се постигне видлива промена. Како автор на текстот за песната „Шанса за живот“ се јавува пејачката Рената која вели: „Текстот го напишав во еден здив, сакав да допре до сите во нашето општество, да се помогне на оние кои се најбеспомошни и воедно најхрабри борци. Да се даде шанса на овие бебиња е нешто што ние мора да го направиме и поради тоа безрезервно се вклучивме во овој проект“.

Компанијата ОКТА како донатор, минатата година заедно со Детската клиниката ја започна кампањата „Шанса за живот“ со цел да обезбеди што повеќе средства  за подобрувањето на  условите на Интензивниот оддел. ОКТА досега во два наврати донираше средства за набавка на нова опрема, како и за сервисирање на постоечката, а наскоро најавува и трета донација.

„Горди сме на фактот дека со кампањата и активностите што ги имавме во изминатава година придонесовме за значајна промена на Интензивното одделение. Со помош на хуманите граѓани и компаниите успеавме да ги подобриме условите и да дадеме шанса за нов живот. Веруваме дека песната и видео записот, кои на мошне емотивен и суптилен начин ја пренесуваат пораката на кампањата, ќе ни помогнат да собереме уште повеќе донации и да направиме уште поголем придонес на овој оддел. Бројот на поддржувачи и донатори секојдневно се зголемува, а за нас тоа претставува само уште еден доказ дека сме ја одбрале вистинската цел“, изјави Марија Ставрева, менаџер за комуникации и општествена одговорност во ОКТА

Тимот на клиниката е благодарен што ОКТА веќе втора година се залага за обновување на опремата и подобрување на моменталната состојба.

„Компанијата ОКТА е навистина пример за останатите компании, бидејќи со кампањата успеа да нè обедини сите заедно за една цел. Апаратурата ни е повеќе од потребна и се надеваме дека ќе успееме да направиме уште повеќе заедно. Се заблагодарувам на сите граѓани и компании и пејачите кои дадоа поддршка на овој проект и ги повикувам сите останати да се вклучат”, вели д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиника за детски болести, Скопје.

Секој што сака да донира тоа може да го стори со вртење на телефонските броеви 070/075/077 14 33 33. Останува и можноста за донирање на 100 денари во обележаните кутии на бензинските пумпи на ОКТА со што граѓаните добиваат алка со логото на кампањата како нејзин поддржувач, како и преку набавка на гориво од бензинските пумпи на ОКТА од чија продажба се одвојува процент за кампањата. Директни донации може да се дадат и преку наменски отворената сметка за кампањата 200002709659393, во Стопанска банка.  

Спотот за песната го изработи продуцентската куќа „Скај ај ентертејнмент“ (Sky Eye Entertainment), композитор и продуцент е Зоран Алексиќ, режијата е на Илија Тодоровски, а во улога на актери покрај познатите поп пејачи вклучени во кампањата учествуваат и децата од хорот „Златно славејче“.



Врати се горе ↑