12 март, 2018

Песната „Лажни херои“ на Бранко Радаковиќ актуелна ширум регионот

Песната „Лажни херои“ на Бранко Радаковиќ деновиве се појави во видео-издание на официјалниот канал на Јутјуб на белградскиот издавач „Метрополис мјузик Србија“, кој неодамна го објави и соло-албумот на спрскиот музичар. Тој е комплетен автор на сите песни од тоа издание, а ова видео го самиот режирал и монтирал. Радаковиќ тоа го правеше и со претходните видеа, а неговите документарци во меѓувреме станаа култ. Еден од најпознатите е секако сè уште актуелниот филм „Лимуново дрво“, кој зборува за првиот бенд на Милан Младеновиќ.

Слична е приказната и со албумот, кој го забележаа и следеа медиумите ширум регионот, како што е сега случајот и со новото видео за „Лажните херои“. Радаковиќ во меѓувреме, на изненадување за многумина, во петокот (9 март) настапи во живо со гитара во белградскиот клуб „Петак“. Таму ја отсвири и отпеа авторската песна „Људи у белом“, како гостин на прославата на шестгодишнината на стенд-ап шоуто на „Грбаве танге“. Непланирано и без медиумска помпа, на покана од фронтменот на бендот „Грбаве танге“, Бранко се согласи и после долга апстиненција од настапите во живо, повторно застана пред публика. На тој начин даде до знаење дека наскоро можеме да очекуваме и други настапи во живо.

 



Врати се горе ↑