25 јануари, 2013

Пеперминт промовираат нов видео запис

После успехот со синглот „Ако“, панк-рок составот Пеперминт повторно станува актуелен објавувајќи го својот нов видео запис за песната „Твоето куче“, која воедно е најава за нивниот нов албум, насловен „Ама ако“, кој наскоро ќе биде официјално објавен, јавуваат од Пасворд Продукција. Новото студиско издание е целосно подготвено, а неговото објавувањето ќе биде одбележано и со промотивен концерт, за кој Пеперминт интензивно се подготвуваат.
На ова остварување на групата, која медиумите ја оценија како „рокери што ја освежија сцената“, и претходеше активна година со повеќе успеси. Видео спотот за нивниот втор сингл на англиски „Riding My Harley In The Rain“ изминатата година беше промовиран на „Ем-ти-ви Адрија“, регионалниот музички канал во чии рамки Пеперминт учествуваше и во трката за најдобар бенд на балканот. Покрај тоа, 2012 помина и во знакот на нивниот хит сингл „Ако“ кој ги освои највисоките места на македонските музички топ листи.
Додека ги очекуваме деталите за новиот албум и концертната промоција, бендот се погрижи своите фанови да уживаат во новиот видео запис.


Врати се горе ↑