Видео

5 ноември, 2018

Пепа ја екранизираше наградената „Ти си тој“

Пепа Димитрова го претстави видеото за темата „Ти си тој“, со која се натпреваруваше на годинашниот „Охрид-фест“ и за која се закити со наградата „Долни Сарај“ и со третата награда од публиката. Како автори на оваа песна се потпишуваат композиторот Хрис Марин, аранжерот Владимир Дојчиновски и текстописецот Огнен Неделковски.

Живописното видео, пак, кое го изработи екипата на продукцијата „Фабрика“, се снимаше на неколку локации на преубавото мавровско езеро, во Леуново и Галичник. Покрај Пепа, која е во улога на раскажувач, се појавуваат и двајца вљубени млади луѓе за кои штотуку започнува љубовната приказна и пеперутките во стомакот.

„Не застанувам со работа, тоа ме исполнува и ме прави среќна, се надевам дека догодина на пролет ќе го издадам моето првенче, а дотогаш и уште неколку видео-изданија и песни. Ги сакам баладите и ’тешките’ песни кои можеби не стануваат инстант-хитови и е потребно подолго време да станат слушани, но затоа носат посебна тежина и се безвременски, сепак секогаш оставам простор и за некое музичко изненадување како преработката на евергринот ’На велигден’ во етно-џез стил“, вели пејачката, која во својата колекција на признанија неодамна ја додаде и наградата за најдобар сценски настап на „Макфест 2018“.

„Ти си тој“ воедно е и петта екранизација за Димитрова, наследувајќи ги „Плачеш со мене“, „Не ми е срам“, „На Велигден“ и „Лага“, а како изгледа сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑