Настани cover_fusionbc31f1

27 март, 2014

Пат околу светот на Егзит фестивал

ЕГЗИТ фестивал нè води на пат околу светот од 10-13 јули на Петроварадинска тврдина. Од британски даб, преку корејски амбиентален метал и германски инди-фолк, сè до култната Американа и јапонскиот алтернативен рок, на „Фјужн“ и „Рифс&Битс“ бините доаѓаат гитари, тапани, басови, дајре и традиционални инструменти од Америка, Европа и Азија.

Омилените на ЕГЗИТ публиката, миди воини од 21 век, Ејжн Даб Фаундејшн (Asian Dub Foundation) доаѓаат во петок, 11-ти јули на „Фјужн“ бината. Нивниот звук е комбинација на џангл ритми, даб, панк рок гитари, ситра и традиционални индиски мелодии. За време на својата долга и плодна кариера ADF ја делеа бината со музички великани како Рејџ Агенст д Машин, Д Кјур и Рејдиохед. На летната турнеја ќе го претстават својот нов албум „The Signal and Noise“, објавен кон крајот на минатата година во Јапонија, а неодамна и во остатокот од светот. Не го пропуштајте концертот на овие мајстори на настапите, кои важат за еден од најдобрите лајв бендови на светот, способни секоја свирка да ја направат единствена и незаборавна.

Култниот американски рок бенд, Ди Афган Вигс (The Afghan Whigs), го најави својот седми по ред албум, „Do to the Beast“, враќајќи се на сцената на алтернативниот рок во голем стил. Составот кој изврши огромно влијание врз многу припадници на овој жанр, го презентира сето свое музичко умеење и сè она што нè очекува на овој албум, кој излегува оваа пролет, со последниот сингл „Algiers“. Првоборците на гранџ звукот и Американа пионерите се враќаат со својата мрачна поезија од градските улици која се граничи со црн хумор, на 10-ти јули на „Фјужн“ бината.

На истото место, но последниот ден на фестивалот ќе настапи и германскиот состав Мајти Оукс (Mighty Oaks), кој го чинат тројца момци од три различни држави. Сред електронскиот Берлин, американец, италијанец и британец создадоа свое инди-фолк прибежиште, во кое творат ненаметлива, а сепак моќна музика која за кратко време ја маѓепса интернет заедницата. На суптилниот звук на акустичните гитари, мандолина и дајре, длабочина додаваат нијансите на електрични гитари, бас и тапани, создавајќи песни за љубовта и природата. До сега имаат свирено како предгрупа на Кингс оф Лион и Чрчис (Chvrches), првиот студиски албум „Howl“ го објавија пред неполни месец дена, а последниот сингл „Brother“ стана вистински хит во инди круговите.

Кој би помислил дека јужнокорејскиот амбиентален метал бенд ќе ги освои светските фестивали во 2014 година? Целосно единствениот пост-рок, пост-авангарден звук, Џамбинаи (Jambinai) го прави преку традиционални корејски инструменти, со поддршка на електрични гитари и електроника. По големиот успех на првиот албум „Difference“, корејскиот петчлен состав го најавува и својот втор албум, закажан за мај 2014. Совршен бенд за „Рифс&Битс“ бината на која настапуваат во недела, 13-ти јули.

Истиот ден на „Фјужн“ доаѓа и јапонскиот алтернативен рок состав од Кјото, Трикот (Tricot). Трите девојки и момче зад тапаните изгледаат како штотуку да излегле од реклама за гуми за џвакање, а нивната мелодична, експериментална музика е толку е заразна што ќе ве натера цел ден да потскокнувате на пост-рок ритмите со возбудливи и непредвидливи транзиции. Деби албумот „T H E“ го објавија во октомври минатата година, а за време на претходните две години свиреа на најважните јапонски музички фестивали, како што се „Фуџи Рок“ и „Рок Ин Џапан“. Ова лето поаѓаат кон освојување на Европа, па бидете меѓу првите кои ќе ги чујат на овој континент!

 



Врати се горе ↑