15 октомври, 2013

„Паркети“ запеаја на југословенски

Битолската група „Паркети“ конечно го објави долгонајавуваниот прв видео сингл, кој како што велат самите, е отпеан на југословенски јазик. Од нивното основање пред дваесет години, бендот има објавено четири албуми, од андерграунд до мејнстрим и назад, а карактеристични се саркастичните текстови и енергијата која несебично ја делат со публиката на концертите.

По објавувањето на албумот „Република Франкенштајн“ во декември минатата година, „Паркети“ изјавија дека тоа им е последно издание на македонски јазик, а во прилог на тоа е и штотуку објавениот сингл „Ауто паркинг“, кој го отпеаја на југословенски јазик, односно јазикот кој е разбирлив за поголемиот дел од републиките од некогашната заедничка држава.

Режијата на новиот видео запис ја потпишува познатиот фронтмен на групата, Сашо Паркет, кој вели дека идејата му била преку видеото да се пренесе забавувањето на рокабили екипата во природа во друштво на своите девојки и олдтајмери. Овој необичен состав нема да застане овде, туку ќе продолжи со пишување песни на „југословенски“ јазик:

„До следното лето планираме уште два-три сингла на југословенски, па ќе видиме што ќе се случува понатаму. Можеби сите колективно ќе се преселиме во Белград, Загреб, Сараево или кој знае во кој град…“,  вели Сашо Паркет, кој пред неколку години своето вистинско презиме го промени во Паркет, а кој заедно со неговиот брат Зоки Паркет е автор на новиот сингл. Доколку сè испадне како што треба, „Паркети“ би можеле наскоро да одржат и мини турнеја во неколку градови од поранешна Југославија.



Врати се горе ↑