11 март, 2013

Паркети ги „здружија силите“ со Шер

Битолскиот состав Паркети продолжува со промотивните активности по повод објавениот албум „Република Франкенштајн“. Овој пат пласираат нов видео запис, креиран на нивниот својствен начин. Станува збор за песната „Bang Bang (My Baby Shot Me Down)“, која оригинално е изведена од Шер.

„Сите од бендот ја сакавме оваа песна и често ја свиревме на нашите концерти. Во една прилика на проба ја отсвиривме оригиналната верзија, ама не ни легна баш и тогаш се одлучивме да направиме своја. Кога за прв пат ја изведовме на концерт, публиката полуди, па одлучивме да ја снимиме.“ – објасни Сашо Паркет како оваа култна песна го пронајде патот до нивниот актуелен албум.

Паркети одлучија да ја екранизираат оваа нумера на својот добро препознатлив и необичен начин: „Видео записот е чисто шегување. Се договоривме да станеме во 4 наутро, кога нема многу луѓе по улиците, со селотејп да прикачиме камера на автомобилот и така да се снимаме, а позади воланот беше наш пријател кој нема возачка дозвола. Се возевме низ градот, додека минувачите нè гледаа и се чудеа. Искрено мислиме дека оваа е најдобрата кавер верзија која може да се најде на ЈуТјуб. Не дека се фалиме, ама така е. Не ги прашавме оригиналните автори и изведувачи, ама мислиме дека ќе ни простат“ – открива Сашо за процесот на снимањето.

Енергичните Паркети продолжуваат со изненадувањата, а овој пат подготвуваат неколку песни на српско-хрватски јазик, а наскоро можат да се очекуваат и концерти во државите од поранешна Југославија.

 



Врати се горе ↑