Аудио

26 јуни, 2018

Панк-рокерите „Оф-дјути“ го претставија својот „Патоказ“

Црногорскиот панк-рок бенд од Никшиќ, „Оф-дјути“ (Off Duty) за издавачката куќа „Ноктурн медија“ неодамна го објави ЕП изданието „Путоказ“, кое го сочинуваат четири нови песни еден претходно објавен сингл што идеално се вклопува во новата фаза на групата, а воедно ја заклучува и приказната за заминувањата и оние кои останаа да се борат.

Иако не е прво издание на овој четиричлен бенд, „Путоказ“ е збир песни кои ги профилираат, а од бендот рекоа дека песните спонтано се поврзале во целина, која е мошне дефинирана и хомогена, и идејно и по звук. Може да се рече, мал исчекор кон концептуалното.

Додека публиката ја очекува премиерата на годинашниот „Бедем-фест“, кога ќе биде прикажано и првото видео од овој материјал, критиката добро го прифати новото издание.

„Од бендот ’Оф-дјути’ добивме производ кој може да се слуша репетитивно, во кој секогаш може да се најде нешто ново со секое слушање, албум на кој навистина внимателно се работело, со главата, а не со нозете, како и албум кој нема да биде проголтан од страна на времето во кое настанал“, пишува „СтереоАрт“.

Ова е уште еден доказ дека искрен бенд со искрена музика може да направи многу, бидејќи како што и самите велат: „Парите не се вклучени во оваа приказна, ги нема и не може ни да ги има, така што јасно е дека мотивацијата доаѓа одвнатре, од потребата за создавање и свирење. Во Црна Гора занимавањето со авторска работа во музиката е хоби, неретко и скапо хоби, па понекогаш проработува и инаетот и се раѓа добар сингл или албум.“

„Оф-дјути“ се: Бојан Кандиќ, Василије Савовиќ, Вуко Јовановиќ и Милан Гезовиќ, а зад себе го имаат деби-албумот „Још један дан“ (2013), видеото за „Овдје има лопова“ (2014) и синглот „Они су увијек у праву“ (2015).



Врати се горе ↑