Концерт chesudaka

19 октомври, 2012

Панк-реге бунт на Таксират 14

Таксират со задоволоство ви го најавува настапот на судамерикана ворлдмјузик-панк бунтовниците Чe Судака (CHE SUDAKA), на главната фестивалска вечер од четиринаесеттото издание на фестивалот. Че Судака доаѓаат на Таксират во рамките на нивната актуелна светска турнеја „10“, на која групата го промовира својот последен студиски албум. 2012та е посебна година за групата од Барселона и 10-годишнина од нивното официјално оформување. Jубилејот е уште поголем и со одржаните концерти досега, кои годинава го надминуваат бројот 1000: повеќе од 1000 настапи во 23 земји!

Со објавувањето на нивниот петти студиски албум, Че Судака започна нов чекор не само во артистичка смисла, туку и на организациско ниво. Албумот, кој реферирајќи на јубилејот од постоењето на бендот е едноставно именуван „10“, е објавен под сопствено раководство за нивната издавачка етикета Cavernicola Records. Со овој храбар потег Че Судака го следи својот пат на независен бенд и го пресретнува новиот предизвик со карактеристичната и нагласена позитивна енергија. Некој би рекол: со десет години Че Судака конечно пораснаа! Аргентинските и колумбијските музичари, кои во 2000та стапнаа на средоземното пристаниште на Барселона без документи, успејаа да го издигнат името „Че Судака“ како музичка референца на интернационално ниво. Со напорна работа, голема креативност и уште поголема доверба во успехот на праведниот и „стрејт“ начин на постоење како артист и човечко суштество воопшто, момците од Че Судака ја освоија почитта на публиката и музичката индустрија, како и репутацијата на еден од светските бендови со најмоќните и најлудите настапи во живо.

Кога овие момци настапуваат во живо можеме да очекуваме комплетна експлозија на разгневени тапани, одлични гитари, бас линии со карактеристичен „драјв“ и синтисајзер семплови; со повеќегласни вокали и секако лудото шоу на браќата пејачи Лео и Кача! Токму како создадени за „таксиратџиите“. А за нив, момците од Че Судака не пропуштија да подготват и посебен видео поздрав кој можете да го погледнете  во продолжение.

Главната фестивалска вечер на Таксират 14 ќе се одржи на 8ми декември 2012 (сабота) во „Метрополис Арена“ во Скопје. Че Судака е само првото име од годинашното Таксират финале. Наскоро, очекувајте ги останатите артисти од лајн-ап тимот на Таксират 14, грижливо одбран за уникатна Таксират хармонија на различностите.

Билетите за Таксират 14 ќе бидат достапни во претпродажба од петок, 26ти октомври 2012. Првите 1000 влезници ќе се продаваат по цена од 450 денари, а по нивното распродавање, цената на билетите за главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ 14 ќе чинат 600 денари.

Билетите за Таксират 14 можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија:

Скопје: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Superfly, Камарат (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);
Куманово: Агора;
Битола: Хард Рок;
Кочани: Комисион Шишко;
Штип: Дом на млади;
Охрид: ZZ TOP;
Гевгелија: Кафе Корзо;
Прилеп: City Tobacco.

Време е: ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!



Врати се горе ↑